Атина – Во атинскиот суд продолжува рочиштето за казните за осудените во процесот против Златна зора, откако во средата беа прогласени за виновни за криминална организација. Обвинителката вчера ги отфрли барањата на адвокатите за ублажување на казните за осудените лица за водење криминална организација. Никос Михалољакос, лидерот на партијата, и шест поранешни пратеници се соочуваат со затворска казна од пет до 15 години, додека пак 13 други членови на Златна зора, виновни за учество во криминална организација, може да добијат од пет до десет години затвор. (МИА)

Љубљана – Во Словенија епидемиолошката состојба со коронавирусот е сѐ посериозна, бидејќи втор ден со ред се бележат повеќе од 300 нови зарази. Во земјата во сила е одлуката на Владата за забрана за собири на повеќе од десет лица во јавни и приватни простори. Воведени се ограничувања за работа на локалите и рестораните, каде што гостите ќе може да ги служат само на маси со пропишана оддалеченост, додека забранети се приеми и други собири на кои ќе се служат храна и пијалак. („Нетпрес“)

Софија – Европскиот парламент завчера донесе резолуција во која се критикува бугарската влада на Бојко Борисов, која граѓаните на Бугарија ја обвинуваат за корупција и на улиците со месеци бараат негова оставка. Во резолуцијата се изразува „недвосмислена поддршка на бугарскиот народ и неговите легитимни барања и тежнеење за правда, транспарентност, одговорност и демократија“. („360 степени“)


Бисер балкански

Ваша и наша илузија

– Тоа ќе им го кажам на сите со кои ќе разговарам. Босна и Херцеговина е заробена во илузијата што ја посеаја меѓународната заедница и Бошњаците. БиХ не може да дојде до реален политички живот во кој постојат три конститутивни народи што треба да се договараат со консензус, туку постојано треба да применат некакво натпреварување. Можат да донесуваат колку сакаат резолуции. Овде немаше агресија како што се наведува во неа. Зошто ние да сме агресори овде каде што сме родени? Агресија немаше, во Сараево одам затоа што морам во име на Република Српска. Овој град е целосно муслимански, како што и Бања Лука е наша и да престанеме повеќе да создаваме илузија – изјави Милорад Додик, член на Претседателството на БиХ и претставник на српската заедница, кој најави на состанок во Брисел оти ќе посочи на тоа дека „интервенционизмот на меѓународната заедница ја доведе БиХ до неможноста да функционира“.