Нови Сад – Српскиот претседател, Александар Вучиќ, и премиерите на Северна Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, вчера во Нови Сад усвоија декларација за соработка на три земји, но и другите земји од Западен Балкан. Одлуката се базира на 4 клучни слободи што се меѓународно прифатени – слободен проток на стоки, капитал, услуги и луѓе, за да се регулираат меѓусебните односи за поттикнување на растот во регионот и за намалување на невработеноста

Подгорица – Првата неработна недела за Црногорците вработени во трговијата ќе биде 20 октомври, а трговијата на големо и на мало, како што е пропишано со новиот закон, не може да се врши во недела и во деновите кога е државен или друг празник. Но постојат исклучоци, за аптеките, специјализираните продавници или киосците за продажба на леб, пекарски производи, колачи, цвеќиња, сувенири, печат, средства за заштита на билки или погребна опрема, бензинските станици, соопштија од Управа за инспекциски работи, која посочи на високите казни од 1.000 до 10.000 евра, а можно е и трајно затворање на објектот поради непочитување на новата законска одредба. (РТЦГ)

Белград – Србија месечно ја напуштаат 4.250 луѓе, односно околу 51.000 луѓе годишно. Во исто време, 228.000 млади луѓе го напуштиле Западен Балкан, што е околу 20 проценти од работната сила, а три четвртини од нив не планираат да се вратат, покажа анкетата спроведена од кабинетот на министерката за демографија и популациска политика Славица Ѓукиќ Дејановиќ. („Новости“)

Приштина – Ричард Гренел, специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, пристигна на Косово, три дена по одржувањето на изборите. Според процената на одделни аналитичари, неговото именување и посетата би можеле повторно да ја актуализираат приказната за размена на територии меѓу Србија и Косово.


Бисер балкански

Првиот киборг

– Не гледам негативни страни во тоа што го направив. Тоа ми беше потребно, сакав да си ги олеснам дневните активности. Со помош на чипот ги отворам вратата од мојот стан и деловниот простор. Сѐ уште не го програмирав, но на овој начин можам да ги отворам мојот лаптоп и мобилен телефон, односно сѐ што ќе земам во раце, без дополнителни клучеви – Денис Периша, хрватски хакер, познат како Даркмен, кој стана првиот киборг во Шибеник со вградување чип под кожата, со што ќе може да плаќа сметки и сл.