Подгорица – Директорот на полициската управа на Црна Гора, Веселин Вељовиќ, тврди дека полицијата располага со оперативни податоци дека поединци и групи планираат да предизвикаат инциденти и немири на денот на парламентарните избори, кои ќе се одржат на 30 август.
– Нашите сознанија укажуваат дека овие лица преку социјалните мрежи и другите канали се залагаат за време на гласањето и по затворањето на избирачките места граѓаните да излезат на улиците, да предизвикаат немири и да го нарушат јавниот ред – се вели во соопштението на Вељовиќ. („Вијести“)
Тирана – Уште еден лекар во Албанија почина како последица на опасниот коронавирус. Станува збор за еден од најпознатите албански епидемиолози, Вилсон Топули, со голем број научни трудови, кој се соочил со повеќе епидемии што владееле во земјата.
Опасниот коронавирус се прошири во Албанија, а овој месец во просек дневно има над 150 новозаразени. Зголемување има и на починати, во просек по четворица пациенти дневно. („Макфакс“)
Бисер балкански
Антимаскери
Здружението „Вакцина инфо“ во Србија ги повика своите членови да потпишат изјава во која ќе наведат дека тие не сакаат нивното дете да носи маска во училиштата, а на наставниците да им се забрани да вршат „психолошки притисок“ на децата за да ги принудат да носат маски.
– Ние од движењето „Живеам за Србија“ поднесовме барање до Министерството за образование носењето маска да биде доброволно. Ние се залагаме за родителите што сметаат дека на овој начин ќе се заштитат децата, слободно да го направат тоа.
Но исто така и родителите што се сомневаат во тие препораки и не сметаат дека тоа е неопходно на децата да не им ставаат маски – вели психијатарот Јована Стојковиќ.
Членовите на ова здружение сметаат дека со воведувањето на оваа задолжителна обврска се оспорува основното човеково право на избор, а со тоа се сокрива и насмевката, а и на организмот му е потребен кислород, пренесе Б92.