Подгорица – Откако црногорскиот институт за јавно здравје во системот ги внесе резултатите од 2.000 теста, кои претходно поради малиот капацитет во Црна Гора беа испратени на анализа во Германија, Црна Гора стана земја со најмногу активни случаи по жител во регионот. Резултатите покажале дека 475 од тестовите се позитивни. Во Црна Гора има 1.453 активни случаи или 231 активен случај на 100.000 жители. („Макфакс“)

Белград – Владата на Србија, Делегацијата на ЕУ во Србија и Канцеларијата на ОН за проектни услуги (УНОПС) ќе потпишат договор за ангажирање на околу 200 здравствени работници, кои ќе помогнат во борбата против епидемијата на ковид-19 во наредниот период, соопшти Министерството за европски интеграции. (РТС)

Атина – Пандемијата на коронавирусот придонесе туризмот во Грција оваа година да има огромни загуби. Само областите околу Солун и Атина се во загуба од 350 милиони евра од почетокот на годината. Во март 73 отсто од сместувачките капацитети биле достапни во Атина, тој број во април и мај паднал на само 5 отсто. („Катимерини“)


Бисер балкански

Заварувачи од Кина

Доколку на градилиштето на Пелешкиот мост не пристигнат заварувачи од Кина, заедно со навремена испорака на контингент од 47 челични блокови, мостот до хрватскиот полуостров нема да биде завршен во предвидениот рок. Неопходни се околу 500 заварувачи, кои кинеската фирма се обидува да ги донесе од Кина. Досега се изградени седум од вкупно 12 столба.

Кинезите преговарале и со сплитското бродоградилиште за преотстапување на своите заварувачи, но досега не бил постигнат договор. Кинеската фирма настојува да ангажираат кинески заварувачи, за да си го задржат реномето на сериозен партнер, кој може да извршува сериозни потфати со сопствен човечки, стручен и материјален капацитет.