Белград – Во Белград вчера се одржа трилатерална средба на претставници од Србија, Турција и Босна и Херцеговина со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Во фокусот на разговорите ќе биде проектот за автопатот Белград – Сараево, кој почна да се гради од српската страна, но иако постои меморандум за разбирање со Турција, сѐ уште не е дефинирано на кој начин ќе се финансира овој проект. (РТС)
Подгорица – Црна Гора и Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) потпишаа договор според кој европските полициски службеници, заедно со црногорските колеги, ќе патролираат по должината на државната граница на Црна Гора, а Европската Унија ќе дава стручна обука и стручна помош за надгледување на границите, „кои треба да останат отворени за слободно движење на луѓе и стоки и, во исто време, да се заштитат од активностите на криминалците“. (Макфакс)
Билеќа – Едно лице за кое постои сомнеж дека е мигрант починало вчераутро во село во близината на градот Билеќа, каде што се случил инцидент меѓу месното население и едно лице, за кое се смета дека е мигрант. Медиумите објавија дека едно лице од околните места го признало делото. („Кликс“)
Приштина – Специјалниот обвинител на Косово, Суле Хоџа, кој работи на случајот на убиството на лидерот на косовските Срби Оливер Ивановиќ, изјави дека сака да ја сослуша Рада Трајковиќ, поради нејзините наводи оти ѝ била понудена снимка од убиството. (БИРН).
Бисер балкански
Празници за збунување
– Мојот став е 30 мај мора да биде Ден на државноста, а што се однесува за Денот на независноста, односно 8 октомври, е малку збунувачки, морам да кажам искрено. Од искуство во дипломатијата морам да кажам дека и другите држави не беа сигурни кој е нашиот ден на државноста – Колинда Грабар Китаровиќ, хрватската претседателка, која ги коментираше најавените измени на Законот за празници, со кој Денот на независноста се слави на 8 октомври и предлага тој да се слави како спомен-ден, а 18 декември, Денот на сеќавањето на жртвите од Вуковар, да стане нов државен празник.