Загреб – Лидерите на партиите СДП, ХСС, ХСУ, Глас и Силаво во саботата објавија предизборно заедничко дејствување под назив Рестарт коалиција, која ќе ѝ биде главен противкандидат на владејачката ХДЗ на претстојните парламентарни избори.
– На Хрватска денеска ѝ е најпотребен рестарт, односно нов почеток на здрави основи. Овој пат без корупција, праведна земја без ортачки договори, со способни луѓе, а не со бирократи – порача Давор Бернардиќ, претседател на Социјалдемократската партија на Хрватска, која е носител на левичарската коалиција. („Хина“)
Атина – Уште првиот викенд без какви било рестрикции од започнувањето на кризата со ковид-19 жителите на Атина ги наполнија локалните плажи. Високите температури и убавото време ги натераа Грците да ги напуштат домовите и да уживаат на плажа, каде што не се почитуваше физичката дистанца, иако таа сѐ уште е една од препорачаните мерки поради пандемијата. Температурата во Атина викендот достигна до 35 степени. („Курир“)
Загреб – Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави дека наскоро ќе се распушти Собранието на Хрватска, поради парламентарните избори и дека земјата ќе биде без власт неколку месеци. Тој, како што посочи, ќе биде „целосно неутрален“ за време на предизборната кампања. („Јутарњи“)