Белград – Веднаш да престанат шпекулациите и нагаѓањата за датумот на одржување на парламентарните и локалните избори во Србија, затоа што тоа претставува неодговорност кон луѓето чии животи се загрозени од коронавирусот, предупредуваат од Либерално-демократската партија, која побара организирање состанок на претставниците на власта и целата опозиција. Додека стотина луѓе се борат за живот, приказните за политика, избори и датуми дејствуваат полошо од секоја болест. Кога лекарите ќе кажат дека сме подготвени за враќање во нормален живот, тогаш може да зборуваме за избори – информираат од партијата на Чедомир Јанковиќ. (Б92)
Подгорица – Во Црна Гора од четврти мај ќе се дозволи работа на продавниците, занаетчиските дуќани, сервисите, фризерските и козметичките салони, фитнес-центрите и книжарниците. Ќе биде дозволено и работа на стоматолошките ординации, автошколите, музеите и на галериите. (РТЦГ)
Приштина – Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, изјави дека напорите што се вложуваат да се формира влада без вклучување на победникот од последните избори, движењето „Самоопределување“, се директно насочени против него. Според Курти, дали и кога ќе биде формирана новата косовска влада ќе зависи единствено од желбите на Српската листа. („Алсат“)