Меѓу заболените и министер

Владата на Федерацијата БиХ прогласи состојба за несреќи, поради ширење на епидемијата. За кризно жариште е прогласено подрачјето на Република Српска (со 27 заболени), каде што се регистрирани седум нови заболени лица, меѓу кои и министерот за европски интеграции на РС, Златан Клокиќ. Вкупниот број на заболени во БиХ се искачи на 34.

Партиите за одложување на изборите

Опозицискиот Сојуз за Србија и Нова партија ја поддржуваат одлуката на Републичката изборна комисија за прекинувањето на изборните процеси за општите избори, кои беа најавени за 26 април, додека Српската радикална партија има забелешки. Одлуката за одложување на парламентарните избори е во согласност со вонредната состојба во Србија, која е воведена во борбата против коронавирусот.
Александар Шешељ, шефот на изборниот штаб на Српската радикална партија, изјави дека не се задоволни од одлуката на РИК., затоа што сите одлуки биле донесени без консултации со другите партии, а тие се донесени со декрет од претседателот на Србија.

Грција потврди дека бројот на заразени со коронавирус се искачи на 387 од 352, а бројот на починати се зголеми на 5, соопштија здравствените власти. Грчката влада нареди затворање на малопродажните бизниси, со исклучок на аптеките, супермаркетите и бензинските пумпи, што стапи во сила вчера.


Бисер балкански

Мито за нелегален влез

Припадник на Граничната полиција на Босна и Херцеговина на преминот Брчко е уапсен поради сомневање дека примил подарок за да пропушти три лица што престојувале во ризични подрачја зафатени од коронавирусот.
– Лицето е уапсено во неделата, во попладневните часови, кога им овозможи незаконски влез во БиХ на три лица на кои требало да им биде забрането влегување во земјата или требало да бидат сместени во самоизолација – соопштија од граничната полиција на БиХ.
Полицаецот за одредена сума пари ги загрозил животите на другите граѓани, а со интервенција на полицијата во Брчко, сомнителните лица биле пронајдени и изолирани.