Приштина – Косовската влада го прифати барањето на косовскиот министер за здравство Арбен Витиа и прогласи вонредна состојба во јавното здравство поради коронавирусот, соопшти косовската влада. Министерството за здравство е одговорно за управување со прогласената вонредна состојба за јавно здравје, според одлука на Владата. Вкупниот број заразени се зголеми на 13 лица. („Нетпрес“)
Атина – Влез со бројче, едно лице на 10 квадратни метри, растојание од два метри меѓу купувачите, се дел од мерките што од денеска се во сила во грчките супермаркети за да се намалат турканиците и да се спречи дополнителното ширење на коронавирусот, а паралелно ќе се воведе ограничување за граѓаните за антисептиците, ќе можат да купат најмногу три. (МИА)
Белград – Во Србија вчера се регистрирани седум нови случаи на заразени со коранавирусот, со што вкупната бројка се зголеми на 55 заразени лица. Српскиот претседател Александар Вучиќ прексиноќа на вонредна прес-конференција објави дека на „целата територија на Србија се прогласува вонредна состојба“, како мерка во борбата против коронавирусот или, како што кажа, Србија ја започнува „битка за постарите лица“.
Лицата постари од 65 години мора да останат во своите домови. Според српскиот претседател, на сите оние што не ја почитуваат наредбата за изолација ќе им следува казна до три години затвор. (РТС)
Бисер балкански
„Извини“ за царините
– На 15 март 2020 година требаше да биде укината таксата од сто отсто за суровините што се увезуваат од Србија. Тоа нема да се случи затоа што мојот претходен став во меѓувреме не стана одлука. Жалам поради тоа. Сѐ уште не успеав да го убедам коалицискиот партнер, Демократскиот сојуз на Косово, во тоа што сум убеден – дека постепената замена на таксите со реципроцитет е најдобар, најправеден и најкорисен начин – Албин Курти, косовскиот премиер, на Фејсбук го објави своето извинување до граѓаните на Косово.
Второто извинување од Курти се однесува на непридржувањето на одлуката на косовската влада за оддалеченоста од најмалку еден метар меѓу лицата што се на јавно место, односно што не обезбедила доволно растојание меѓу присутните на собраниската седница, која се одржала во саботата.