Подгорица – Во Подгорица се одржа состанок на стручни тимови на Владата на Црна Гора и Митрополијата црногорско-приморска на Српската православна црква (СПЦ), за спорниот Закон за слобода на вероисповед. Вицепремиерот Зоран Пажин рече дека дијалогот ќе се фокусира на членовите од Законот за слобода на вероисповед, кои се однесуваат на имотноправните прашања. Тој рече дека црвената линија е Уставот на Црна Гора и потребата сите граѓани, без оглед на националноста или верата, да се третираат на ист правен начин. (РТЦГ)
Белград – Поради коронавирусот, претседателот на Србија Александар Вучиќ ги откажа сите предизборни собири на Српската напредна партија до 1 април. Во Србија во тек е предизборна кампања за парламентарните, локалните и покраинските избори, кои се закажани за 26 април. Досега во Србија се потврдени 12 случаи на коронавирус. Српската влада донесе одлука привремено да им се забрани влез во земјата на лица што доаѓаат од ризичните региони. (Б92)
Љубљана – Словенечкиот министер за здравство објави дека 47 лица се позитивни на коронавирус во Словенија. Меѓу новозаразените е и наставничка во основно училиште во словенечкото гратче Камник. (МИА)
Бисер балкански
Прво со Вучиќ, па со лекарите
– Ги читам критиките и лажните вести, оваа состојба се политизира и тоа е срамота. Немојте да политизирате, немојте да зборувате дека Владата на Србија и здравството не се подготвени. Тоа го зборуваат луѓето што биле на власт, а ние сега сме пред девет земји од ЕУ според подготвеноста, подобро се бориме од нив. Ќе разговараме и за затворање на училиштата, доколку тоа биде препорака на стручните служби, тоа ќе направиме. Да не применуваме колку само мерки да се каже дека се применети. Состојбата е сериозна, но под контрола, нема место за паника – рече српската премиерка Ана Брнабиќ, која најави дека ќе се сретне со претседателот Александар Вучиќ, а подоцна и со здравствените експерти, поради ширењето на новиот коронавирус.