Атина – Мигрантите што илегално дошле на нејзината територија по 1 март, Грција ќе ги пренесе во северниот град Серес и планира да ги депортира во нивните матични земји, изјави синоќа грчкиот министер за миграција Нотис Митарачи. Стотици успеаја да влезат во Грција, вели „Екатимерини“, многумина преку море до Лезбос и други грчки острови. Анкара и Атина меѓусебно се обвинуваат за употреба на прекумерна сила на заедничката граница, каде што мигрантите последниве денови се судираат со безбедносните сили. („Атенс њуз“)

Тирана – Албанскиот премиер Еди Рама објави дека е финализиран текстот на нацрт-одлуката на Советот на министри за изградба на првите 3.400 куќи, за што се предвидени средства во износ од 8,7 милијарди леки. Рама даде добра вест за настраданите семејства на кои им вети дека до крајот на 2020 година ќе се преселат во нивните нови домови. (ТВ21)

Подгорица – Вицепремиерот на Црна Гора, Милутин Симовиќ, изјави дека Црногорско-приморската митрополија одбива да евидентира деловни активности и да намирува законски обврски, како што мора да го прави тоа Српската православна црква (СПЦ) во сите земји.
– Значи, јасно е дека непочитувањето на законските обврски е исто така непочитување на државата – нагласи тој.
Даночната администрација претходно објави дека долгот на митрополијата за даноци на недвижнини и работи што ги извршува, а не се верски е повеќе милиони евра. (РТЦГ)


Бисер балкански

Посветла иднина

– Имав повеќе од 500 дена да размислам за мојот живот. Тогаш немав желба да се занимавам со политика, но сега сакам. Не сакам да живеам во минатото, колку и да звучи грубо и тешко. Сега официјално влегов во СНС. Ќе бидам максимално вклучена во кампањата. Александар Вучиќ го очекува моето значајно ангажирање во кампањата – изјави Милена Поповиќ, сопругата на убиениот српски косовски лидер Оливер Ивановиќ, за одлуката да се ангажира политички преку кандидатурата за пратеничка на листата на владејачката Српска напредна партија.
Милена Поповиќ, во интервју за неделникот НИН, рече дека не може да биде „сигурна дали сопругот би бил најостар противник на СНС, но и дека не би тврдела дека не би бил во оваа партија“.