Загреб – Хрватската полиција ќе испрати уште еден полициски патролен брод во Егејско Море, како помош за грчката крајбрежна стража во справувањето со новиот бран мигранти. Началникот на хрватската полиција Никола Милин, изјави дека во оваа фаза тие се сконцентрирани во обидите директно да им помогнат на грчките гранични служби. Хрватска веќе има 18 полицајци на грчко-турската граница. („Вечерњи лист“)

Белград – Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера ги распиша парламентарните избори, кои треба да се одржат на 26 април, за кога се очекува со гласањето да биде зајакната власта на неговата Српска прогресивна партија. Повеќето опозициски партии одлучија да ги бојкотираат изборите, обвинувајќи ги Вучиќ и неговата коалиција за авторитарност, задушување на медиумските слободи, напад врз опозициски активисти, корупција и врски со организираниот криминал. Вучиќ и неговите поддржувачи, кои имаат мнозинство во парламентот што има 250 места, ги отфрлаат ваквите обвинувања. (РТС)

Подгорица – Црна Гора, според најновиот извештај на „Фридом хаус“ за 2020 година, е оценета како делумно слободна земја и таа се наоѓа на 62-то место. Црна Гора назадуваше за три места. Во извештајот се наведува дека демократијата во сите земји во светот е во „опаѓање“, во споредба со претходната година. („Вијести“)


Бисер балкански

Етничко гласање

– Не ги сакам тие пребројувања. Ако се фатам на таа јадица, ќе зборувам за тоа кој за кого гласал. За мене гласаа многу припадници на српската заедница, луѓе, наши граѓани. Тоа е очигледно, и драго ми е за тоа, но не сакам да го истакнувам тоа. Можам да ја прашам другата страна дали некогаш некој Хрват гласал за неа. Да одам на тој тенок мраз на нечиста вода, не сакам – рече Зоран Милановиќ, претседател на Хрватска, за односите со Србија и српскиот претседател Александар Вучиќ. Милановиќ упати совет до „господинот Вучиќ и луѓето што ја водат Србија да одлучат што сакаат, дали тоа е Русија, неутралност или нешто трето“.