Тирани – Барањата на албанските државјани за добивање азил во земјите на Европската Унија во 2019 година биле пет до 15 пати почести од оние на нивните балкански соседи. Земјите со најголем прилив на албански баратели на азил се Германија, Франција и Велика Британија.
Повикувајќи се на Европската агенција за поддршка на азилот, вкупниот број апликации првпат достигнал 20.256 на годишно ниво или просечно по околу 1.700 барања месечно.
На регионално ниво, бројот на баратели на азил од Албанија бил пет пати поголем од оној од Србија, од каде што има 3.900 барања за азил, Косово 2.765, Македонија 2.680 и Босна и Херцеговина 1.313 барања. („Ора њуз“)
Белград – Во Србија во четвртиот квартал ланската година имало 2.938.200 вработени, а невработени биле 314.100 лица, а стапката на вработеност изнесувала 49,7 отсто, а невработеноста 9,7 отсто, соопшти Републичкиот завод за статистика.
Формалната вработеност се зголемила за 111.500 лица, од нив 97.400 се во неземјоделските дејности, додека неформалната вработеност во тој период била зголемена за 9.400 лица, пред сѐ во земјоделството. Во четвртиот квартал стапката на долгорочната невработеност изнесувала 5,8 отсто, а била помала за 1,5 процентен поен во истиот период од 2018 година. (РТС)