Софија – Бугарија ги заостри безбедносните мерки по должината на својата граница со Турција, откако земјата објави дека нема да ги запре сириските бегалци на патот кон Европа. Бугарскиот премиер Бојко Борисов изјави дека Бугарија ги заостри мерките откако група мигранти се упатиле кон границата. Тој додаде и дека е договорен телефонски разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. („Локално“)

Сараево – Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската Унија (ЕУ) ќе ѝ помагаат на Босна и Херцеговина со заем од 204 милиони евра да ја подобри својата автопатна мрежа и паневропските транспортни конекции. ЕИБ позајмува 140 милиони евра за изградба на 12,4 километри од автопатот, вклучувајќи четири надвозници, два тунели и три моста, додека ЕУ ќе го комплетира финансирањето со грант од 64 милиони евра. Паневропскиот коридор Вц ја поврзува Будимпешта со пристаништето Плоче на Јадранско Море. („Аваз’)

Љубљана – Еден од приоритетите на новата влада предводена од Јанез Јанша е повторното враќање на задолжителното служење на воениот рок во Словенија. Матеј Тонин, кој според најавите ќе биде новиот министер за одбрана, изјави дека враќањето на рокот е еден од приоритетите и е веќе запишан во коалицискиот договор.
– Во правата фаза ќе се обидеме да привлечеме што повеќе луѓе доброволно да се пријават за служење војска. Доколку се пријават малку, тогаш втората фаза предвидува воведување задолжително служење воен рок – изјави Тонин.
(МИА)


Бисер балкански

Ништо без САД
– Косово ризикува да биде изолирано. Ниедна наша мерка не може да се брани или да се унапреди нашиот став доколку не е поддржан од САД и од ЕУ. Владата на Косово треба да ја укине штетната такса и да седне рамноправно на преговарачката маса. Која било друга алтернатива сериозно ја загрозува иднината на Косово. Вклучувањето на САД во дијалогот со Белград ја смени динамиката на тој процес. Ставот на секретарот Помпео и на амбасадорот Гренел е дека суверенитетот на Косово е многу важен за иднината на регионот и мировниот договор меѓу Косово и Србија треба да резултира со меѓусебно признавање, гаранција за нашата преговарачка позиција и нашите цели – изјави Авдулах Хоти, потпретседател на Владата на Косово, кој се залага за укинување на таксите за производите од Србија и од Босна и Херцеговина.