Брисел – Претседателите на највлијателните клубови во Европскиот парламент се пожалиле пред Европскиот совет за хрватското претседавање со Европската Унија. Причината е игнорирање на темата за заштита на владеењето на правото во Унгарија и во Полска. Меѓу потписниците на протестното писмо е и Манфред Вебер од Европската народна партија. (Б92)
Атина – Грчката полиција мораше да употреби солзавец за да ги разбрка локалните жители, кои се обидоа да ја сопрат изградбата на емигрантскиот центар на островот Лезбос. Околу 500 луѓе се обидоа да го блокираат истоварањето на тешките машини и полициските засилувања на островот, на кој треба да се изгради нов емигрантски камп. Немири избија и во пристаништето Место на Хиос, каде што се истоварија полициските засилувања на пат кон Лезбос. („Локално“)
Приштина – Хашкото специјално обвинителство ги поднесе првите обвиненија против осомничени поранешни припадници на ОВК за злосторства извршени за време на војната во Косово, соопшти денеска специјалното обвинителство. Според изјавата, обвинителството го замоли претседателот на специјализираните комори (Специјалниот суд) да назначи судии на претходна постапка, кои ќе разгледаат дали обвиненијата ги исполнуваат условите за продолжување на постапката. Околу 250 поранешни припадници на ОВК дале исказ пред специјалното обвинителство, како сведоци или осомничени. („Бета“)
Бисер балкански
Патриотски џип
– За пратениците на Српската радикална партија јас сум шпион и предавник. Јас, која возам автомобил стар 12 години, што сега вреди околу 4.500 евра, јас сум предавник. А патриот е нивниот претседател Војислав Шешељ, кој става во ќесе 140 илјади евра во кеш за на сестрата да ѝ купи нов џип „ренџ ровер“! Толку пари во живот не сум видела, како што не виделе ни пратениците на СРС. Ете, тоа се нашите големи патриоти – вели Зорана Михајловиќ, потпретседателка во Владата на Република Србија, која додаде дека навикнала на тоа пет години да се гледа на насловните страници на таблоидите, но не и нејзиното семејство, кое тешко ги преживува клеветите упатени кон неа.