Брисел – Европскиот парламент во четвртокот го претстави нацртот на своите препораки за проширувањето на Европската Унија, во кој се заложи за продолжување на проширувањето и побара ЕУ веднаш да ги отвори пристапните преговори со Македонија и со Албанија.
Во нацртот на препораките, за кои известувач беше хрватскиот европратеник Тонино Пицула, Европскиот парламент покрај преговорите со Македонија и со Албанија, бара и либерализација на визниот систем за граѓаните на Косово и од земјите од Западен Балкан да се побара јакнење на напорите во процесирањето на воените злосторства и решавањето на прашањата за исчезнатите лица. („Нетпрес“)
Тирана – Во последната деценија Албанија ја напуштиле четири илјади лекари од општа практика, но и специјалисти по одредена медицинска гранка.
Албанските лекари секој ден сѐ повеќе се стремат да заминат во земјите на Европската Унија, а првото место го зазема Германија. Заминувањето на лекарите започнува со либерализација на визниот режим и сега тие формираа федерации на албански лекари во Европа, што изработи студија за причините за напуштање на матичната земја. („Топ чанел“)
Софија – Итно бараме оставка на премиерот Бојко Борисов и целата влада поради манипулирање со податоците за економскиот раст на земјата, изјави пратеникот од парламентарната група на „БСП за Бугарија“, Румен Гечев во декларација од името на социјалистите. Растот на бруто-домашниот производ (БДП) во Бугарија е многу помал од она што го тврди Владата. Гечев, тврди дека растот не е 3,3 – 3,4 проценти, туку најмногу достигнува во рамки на 0,8 до еден процент, („Дневник“)
Бисер балкански
Кариера пред покајание
– Да, еден дел од мене се кае, затоа што претходно го одбив повикот на селекторот, но во овој момент за мојата кариера е многу важно да бидам репрезентативец. Почнав да играм фудбал со седум години и во Грачаница ги направив првите чекори. Три години бев дел од тимот на Фљамуртари и ова навистина го сметам за свој дом. Сите добро ме прифатија, сѐ е добро како што треба – вели Илија Ивиќ, првиот српски фудбалер што доби покана да настапи за репрезентацијата на Косово за селекцијата на млади играчи до 19 години.
Ивиќ има 17 години, игра на позицијата стопер, а неодамна потпиша прв професионален договор за Фљамуртари од родниот град Приштина.