Бања Лука – Група родители поднесоа петиција за одобрување месечен надомест од 255 евра доколку Владата на Република Српска одлучи наставата од септември да се одвива онлајн. Во тој случај родителите би можеле да земат неплатен одмор и да им бидат учители на своите деца или да платат стручно лице. („Независне новине“)
Подгорица – Црногорските здравствени власти соопштија за рекордни 116 новозаразени од коронавирус, со што бројот на заразени во земјата, која се наоѓа во вториот бран на епидемијата, достигна 1.771, речиси шест пати повеќе отколку во првиот, кога имаше 324 заразени. Бројот на починати во вториот бран на епидемијата, кој почна од средината на јуни, е 23, што е двојно повеќе од првиот бран од март. (РТЦГ)
Приштина – Косовскиот премиер Авдулах Хоти нагласи дека меѓу Косово и Србија не се одвива технички дијалог. Преку кратка објава на својата страница на Фејсбук, Хоти порача дека дијалогот со Белград е со единствена цел постигнување договор за меѓусебно признавање на двете држави.
Пораката на косовскиот премиер е реакција на изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој по минатонеделната средба во Брисел рече дека српско-косовските преговори ќе продолжат на техничко ниво. („Макфакс“)
Бисер балкански
Чудо невидено!
– Значи, ако претседателот на Република Хрватска не се појави на конститутивната седница, Собранието е неважно? Некои навистина треба да повторат што е тоа демократија и како функционира нашиот политички систем. Кога човек ќе види наоколу што сѐ се драматизира овие денови, ќе помисли дека немаме посериозни проблеми во животот – коментира независниот политичар Бојан Главашевиќ за одлуката на хрватскиот претседател, која ја смета за одраз на демократијата и на неговото право.
Зоран Милановиќ утре нема да присуствува на конститутивната седница на Собранието на Хрватска, со што ќе стане првиот претседател во историјата што нема да оди на конститутивна седница.
Милановиќ за својата одлука објаснува дека тој ја исполнил својата улога предвидена со Уставот, а тоа е доделувањето на мандатот за формирање на новата влада на победникот, односно на Андреј Пленковиќ, лидерот на ХДЗ.