Белград – Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, изјави дека косовскиот премиер Албин Курти не ги укинал таксите на производите од Централна Србија и дека народот не треба да наседнува на лажни вести.
– Косовскиот премиер најави, да бидеме сосема прецизни, само орочена суспензија на таксите, и тоа условно, а истовремено воведува нови казнени мерки за нашите граѓани и стопанство, кои ги нарекува реципроцитет – нагласи Ѓуриќ. („Танјуг“)

Загреб – Ако епидемиолошкиот ризик релативно брзо заврши, негативното влијание врз хрватската економија ќе биде помало, а ако потрае, ќе биде поголемо, а можен е и пад на бруто-домашниот производ за десетина проценти – изјави Данијел Нестиќ од загрепскиот економски институт. Поради пандемијата на новиот коронавирус, во Хрватска не работат компаниите, граѓаните помалку трошат, секој трет работник е на минимална плата, а за 14 дена 12.000 луѓе добиле отказ. („Деловни.хр“)

Атина – Стрес поради ситуацијата, проблеми со децата, конфликти во семејството, се главните теми за кои грчките граѓани преку видеоповици побарале помош и совети од програмата за психолошка поддршка на периферијата Атика и Медицинската асоцијација од Атина. За една недела, од 20 до 27 март 2020 година, на специјалната платформа за телепсихијатрија, преку видеоповици за справување со последиците од коронавирусот врз психологијата помош побарале 6.948 лица. (МИА)


Бисер балкански

Хајка за свадба со корона!

– Целата општина сака да нѐ линчува. Изворот на заразата не беше на нашата свадба. Затворскиот медицински техничар не беше на нашата свадба. Имавме 260 гости, а на 16 март беа забранети поголемите собири. Кај еден гостин е потврдено дека е заразен, но на 28 март, а тоа може да се случило и по денот на свадбата. Сега секој случај на заболен го поврзуваат со нашата свадба, се води хајка без основа – изјави младоженецот З.М. за информациите дека од неговата свадба, која се одржала во Звечани, почнал да се шири коронавирусот во северниот дел на Косово.

Покрај затворскиот работник, уште седуммина гости на свадбата во Звечани имаат исти симптоми и чекаат тестирање. Се претпоставува дека вирусот на свадбата го донела гостинка од Крагуевац, која била позитивна на тестот. Директорот на Клиничкиот центар во Косовска Митровица изјави дека вирусот почнал да се шири од поголем собир на луѓето.