Во Србија, 31.465 претпријатија немаат официјално вработено ниедно лице. Во една третина од фирмите, или 29,7 отсто, нема кому да му се додели работата. Иако сите припаѓаат во микрофирми, според бројот на вработени лица, овие стопански субјекти вртат милионски суми. Осум фирми, со нула вработени, прават промет од 4,7 милијарди динари годишно и спаѓаат во групата на големи фирми.
– Вакви фирми се отвораат по брза постапка, најчесто да се заврши некоја работа – смета Петар Шкобиќ, секретар на Сојузот на сметководители и ревизори.
Најмногу фирми без вработени лица се отвораат во трговијата на големо и мало, преработувачката индустрија и градежништвото, пишува „Новости“.


Љубљана – Наредната недела во Словенија започнува новата учебна година, а директорите на училиштата добија упатство по кое доколку вработените одбијат да се тестираат против коронавирусот или одбиваат да носат маски, тоа може да биде причина за отказ.
За сите вработени во училиштата важи условот ПВТ (преболени, вакцинирани, тестирани), што значи дека оние што не се вакцинирани или прележани ќе мораат секоја недела да се тестираат, објавија од Министерството за образование на Словенија.
Неоправданото одбивање на тестирање ќе се смета да кршење на задолжителниот работен однос, што ќе значи дека вработените ќе добијат предупредување пред отказ или веднаш ќе бидат отпуштени од работа. Истото важи и доколку тие одбијат да носат маска за време на предавањата. („Блиц“)

Софија – Ќе поддржиме и ќе дозволиме влез во нашата земја на 70 авганистански државјани заедно со нивните семејства, изјави Стефан Јанев, технички премиер на Владата во Бугарија по состанокот на Советот на министри. Јанев во своето образложение додал дека овие луѓе работеле во бугарската амбасада во Кабул, заедно со бугарските контингенти на терен. („24 часа“)

Атина – Во изминатите 24 часа, во Грција се регистрирани 4.608 нови случаи на ковид-19, што претставува и нов негативен рекорд за земјата по дневен број новозаразени од почетокот на пандемијата. Зголемен е и бројот на пациенти приклучени на апарати на одделите за интензивна нега во болниците, вкупно 326, седум повеќе од вчера, а за 9,74 отсто се зголемил бројот на пациенти примени во болниците. Во изминатото деноноќие починаа 32 лица, со што бројот на починати од ковид-19 се зголеми на 13.466 лица. (МИА)