Тирана – Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, денеска ќе ја посети Тирана, што е дел од неговата турнеја за да ги презентира годишните извештаи и економските планови за инвестиции во регионот.
Тој ќе се обрати пред парламентот и ќе се сретне со претседателот Илир Мета и со премиерот Еди Рама. Неговата посета доаѓа во важен момент кога усвојувањето на измените на Изборниот законик, без постигнат консензус, дополнително ја продлабочува политичката криза во Албанија. („Алсат“)
Белград – Заменикот-градоначалник на Белград, Горан Весиќ, изјави дека изградбата на метро во српската престолнина ќе почне во 2021 година, но и дека е затворена финансиската конструкција за проектот. Инвестицијата е вредна 4,4 милијарди евра, првата линија ќе чини 1,8 милијарда евра, а втората 2,2 милијарди евра.
– Направен е договор што треба да го верификуваат владите на Франција и на Кина – истакна Весиќ. („Политика“)
Приштина – Претседателот на Косово, Хашим Тачи, побара процесот на дијалог со Србија да продолжи, бидејќи, според него, дијалогот нема алтернатива. Тој разговарал со специјалниот пратеник на Европската Унија за дијалогот, Мирослав Лајчак, и изразил поддршка за процесот.
– Дијалогот нема алтернатива. Косово и Србија мора да постигнат конечен договор. Потребни сме ѝ на Европската Унија и ЕУ ни треба нам. Ние мора да дејствуваме – напиша Тачи. (РСЕ)
Бисер балкански
Фиктивна драма
– Генерално, Александар Вучиќ сака да одржува константна тензија, во исто време да биде и потпалувач и пожарникар. Именувањето на Ана Брнабиќ за мандатарка значи дека по подолго време добивме разврска на таа фиктивна драма што Вучиќ сака да ја режира. По три месеци чекање, можевме да ги добиеме имињата на министрите, колку ќе има жени, колку мажи, кои ќе бидат членовите на новите управни одбори… Поентата на приказната е дека тој одлучува за сите аспекти на политичкиот и општествениот живот. Мислам дека во 2022 година тој ќе се обиде да ги обедини сите избори – изјави Милош Николиќ, политиколог и уредник на порталот „Талас.рс“.
На прашањето зошто опозицијата не може да се избори за подобри резултати на изборите во Србија, Николиќ рекол дека српската опозиција е на „вештачко дишење“, а претседателот постигнал успех во маркетиншка смисла така што ги убедува граѓаните дека во некој момент ќе им биде подобро и постојано го подигнува тој хоризонт на очекувања, а луѓето му веруваат во тоа.