Софија – Преодниот премиер на Бугарија, Стефан Јанев, за вчера свика состанок на Советот за безбедност на земјата. Тема ќе бидат состојбата и капацитетот на системот за заштита на националната безбедност, во контекст на очекуваниот нов бран мигранти.
По повод миграцискиот притисок по промената на власта во Авганистан, тој објави дека ќе има координација помеѓу специјалните служби. Јанев додаде дека веќе е формирана специјална координативна служба, која секојдневно директно ја анализира заштитата на националната граница на Бугарија, како и за внатрешноста на земјата. („24 часа“)

Тирана – Албанскиот премиер, Еди Рама, побара од студентите да не потклекнуваат на теориите на заговор и ги предупреди дека доколку не се вакцинираат против ковид-19, нема да може да влезат во универзитетските простории.
– Ако не обезбедевме дози за масовна вакцинација на почетокот на сезоната, денес ќе броевме десетици починати дневно. Тоа е факт. Порачувам дека оние што се вакцинирани ќе влезат во универзитетите, бидејќи не постои можност оние што се свесни и се заштитиле да бидат загрозени од оние што живеат со теории на заговор или што живеат со стравови што се целосно ненаучни, неосновани, неоправдани – изјави Рама. („Алсат“)

Брисел – Специјалниот пратеник на Европската Унија (ЕУ) за дијалогот Србија – Косово, Мирослав Лајчак, изјави дека позициите на Белград и Приштина за многу горливи прашања сѐ уште се многу далеку.
– Само што завршивме дводневна напорна работа и интензивни разговори со шефовите на преговарачките тимови на Косово и на Србија. Ставовите за голем број горливи прашања сѐ уште се далеку. Има уште многу работа, напиша Лајчак на Твитер. (Н1)


Бисер балкански

Фиктивна вакцинација

Обвинителот од Врховниот суд, Василис Плиотас, преку циркуларно писмо испратено до сите обвинителства и судови во Грција, бара „брза и темелна истрага за сите информации поврзани со фиктивна вакцинација и навремено започнување кривична постапка против виновните лица, кога ќе се појават доволно докази“. Фиктивни вакцинации беа откриени во здравствен центар во грчкиот град Кардица. Контрола се врши во најмалку пет други реони во земјата, како за лажни сертификати за вакцинација така и за лажни потврди за прележан ковид-19.
Тој бара, доколку се откријат голем број лажни сертификати за вакцинација, да се спроведе истрага дали станува збор за организирана мрежа.