Загреб – Во Хрватска во последните 24 часа се евидентирани 29 смртни случаи и 71 нов инфициран пациент од коронавирусот, соопшти Националниот штаб за цивилна заштита.
Бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.407, од кои 1.137 се на болничко лекување. Од почетокот на пандемијата во февруари изминатата година се евидентирани 235.473, од кои починати се 5.198. Според бројот на новозаразени од коронавирусот, Хрватска е на петтото место меѓу земјите од Европската Унија со 157 чица на 100.000 граѓани. („Индекс“)

Тирана – Група од 60 планинари е спасена во неделата попладне од планината Сотира, на југот на Албанија, во близината на границата со Грција, а едно лице е тешко повредено, објави полицијата на албанскиот град Ѓирокастра. Полицијата го примила повикот за спасување во неделата околу 15.30 часот, а спасените лица биле од различни градови во Албанија. („Макфакс“)

Белград – Министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ, изјави дека не е изненаден што САД бараат меѓусебно признавање на Србија и Косово, но тој бил изненаден што таквиот стремеж го изјави претседателот на САД, Џозеф Бајден, во честитките по повод Денот на државноста на Србија.
– Сепак, она што е најважно за нас, како во актите на меѓународните организации, така и во самата ЕУ, со кои преговараме за пристап и членство, ваквите работи не се поставени како услов. И дури и да застанат, нашата позиција е јасна – рече Селаковиќ. („Танјуг“)


Бисер балкански

Топол зајак за културата

– Највидливо нѐ понижуваат преку буџетите за културата. Со тие пари не можете апсолутно ништо, освен да преживеете. Така власта ја купува послушноста на луѓето што работат во театрите. Тоа е порака дека ќе им бидат укинати и тие малку средства доколку репертоарите на нашите театри престанат да бидат кукавички и се фатат во костец со она што се случува околу нас, а се случуваат многу страшни работи. Од друга страна, секој уметник што ќе искаже граѓанска храброст поминува низ топол зајак во речиси еднопартиското Собрание на Србија. Тоа им се случува на помалку афирмираните уметници, како и на славните имиња на нашиот театар и филм – рече Кокан Младеновиќ, театарски режисер во Белград, во емисијата „Мост“ на Радио Слободна Европа.