Подгорица – Американскиот Стејт департмент ги предупреди американските граѓани да не патуваат во Црна Гора поради пандемијата на коронавирусот. Во соопштението што го пренесуваат агенциите се наведува дека патниците што одат во Црна Гора може да се соочат со затворање на границите и на аеродромите, забрани за патувања, наредби да не ја напуштаат куќата, затворање деловни активности и други итни случаи поради коронавирусот. (РТЦГ)

Тирана – Претседателката на Комитетот на експерти за справување со пандемијата и заменик-министерка за здравство на Албанија, Мира Ракацоли, не ја исклучува можноста за второ затворање на земјата поради влошената состојба со пандемијата, која во моментов ја оценува како критична.
– Во предлозите што ги дадовме не го сторивме тоа гледајќи го искуството на другите земји, но во согласност со ситуацијата. Мерките секогаш биле преземани во согласност со нивото на инфекции и со она што за тие бројки го сугерира епидемиолошката наука, за тоа што треба да се преземе – изјавила Ракацоли. („Курир“)

Загреб – Американската амбасада во Хрватска официјално ја потврди информацијата за безвизниот режим за Хрватите. Откако ја исполнија последната одредба утврдена од САД во 2020 година, Хрватите ќе можат да патуваат во САД без виза подоцна оваа година. Главниот предуслов поставен од САД за укинување на визниот режим за Хрватите за посета на Америка беше падот на бројот на одбиени апликации за виза на под 3 отсто. Хрватска го постигна резултатот уште во септември 2020 година. („Индекс“)


Бисер балкански

Српско чудо

– Едноставно, ја работевме нашата работа. Најпрво му плативме два милиони евра на Брисел за развој на вакцината. Бугарија, која е членка на ЕУ, плати само сто илјади евра. Пет милиони евра уплативме во програмата „Ковакс“ на Светската здравствена организација и ЕУ. Вакцините од оваа програма не ги добивме. Тогаш знаев дека ќе има многу проблеми за мојата земја. Затоа, почнавме разговори со сите други, вклучувајќи ги и Велика Британија, Кина и Русија. Сега гледаат на нас, очекуваат од нас и ќе добијат од нас – изјави српскиот претседател Александар Вучиќ за успехот на Србија за вакцинацијата на своите граѓани против коронавирусот.
До крајот на февруари се планира да бидат вакцинирани 15-20 отсто од населението во Србија, додека во другите земји во регионот не ни почнале со вакцинација, и тоа не по нивна вина, затоа што целосно се потпреа на програмата „Ковакс“ на ЕУ, нагласи Вучиќ во разговор за германскиот весник „Билд“.