Софија – Бугарски авион „миг-29“ се урнал во текот на воена вежба над Црно Море, потврди бугарскиот министер за одбрана Георги Панајотов. Вежбата „Шабла 2021“, во која учествувале и ловци на српската авијација, е прекината поради уривањето. Бугарскиот ловец и натаму не е пронајден, а во тек е потрага по авионот, во која учествуваат и бугарската морнарица и специјалните единици, како и граничната полиција. („24 часа“)

Тирана – Во Албанија се потврдени првите случаи на птичји грип, соопшти Министерството за земјоделство и рурален развој.
– По анализата на примероците од сомнителни случаи кај домашни кокошки, во Институтот за безбедност на храната и ветеринарство е потврдено присуство на птичји грип тип H5N8. Болеста е присутна во три жаришта во населени места, лоцирани во административните единици Фуш-Круја, Дајт и Бујан, наведува Министерството.
Ветеринарната служба ги уништи сомнителни птици и презема мерки за спречување на понатамошното ширење на болеста. („Алсат“)

Приштина – Советот на Европската Унија донесе одлука за продолжување на мисијата на ЕУЛЕКС за уште две години – мандатот ќе трае до 14 јуни 2023 година.
Според одлуката од 3 јуни, ЕУЛЕКС ќе претрпи големи промени за време на продолжениот двегодишен мандат. Сите задачи што ги има за пристап до оперативната помош на локалните власти во врска со дијалогот спроведен од Европската Унија треба да се пренесат на канцеларијата на ЕУ во Косово од 31 декември 2022 година. („Бета“)


Бисер балкански

Секој ден е карикатура

– Кога беше тргнат Милошевиќ, сите луѓе мислеа дека ќе нема повеќе работа, но ја имаше, секогаш има глупости и будалаштини, за нас секогаш има работа. Тоа стана рутина, реагирам веднаш, секој ден работам и правам карикатури. Доволна е една реченица, гест и јас веднаш добивам идеја. Овде немам проблеми, секој ден е полн со афери и глупости, нѐ засипуваат со глупости. Овде е елдорадо за политичка карикатура – вели Предраг Кораксиќ-Коракс, карикатурист на „Данас“.
Тој прави споредба со периодот од деведесеттите години од минатиот век, кога било опасно да се прави карикатура, бидејќи имало многу актери на кои тоа им пречело. Најголема „стрелба“ имало од „преку Дрина“ и, како што вели, тој „бил црна овца во општеството“.