Атина – Во Грција почнува двомесечниот постепен процес на ублажување на мерките, кој според грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис треба да се одвива во седум етапи. Првата мерка, која е сосема иста како и во преостанатите земји што почнаа со делумно ублажување на мерките, е задолжително носење маски и ракавици во затворен простор, како и одржување физичка дистанца. Сѐ уште е во сила забраната за патување на островите, но Грција почна полека да се отвора. („Непрес“)
Тирана – Покрај фактот што во Албанија трендот на новозаразени опаѓа, а бројот на излекувани расте, познатиот албански инфектолог Тритан Кало упати апел до граѓаните да продолжат со почитувањето на препораките и да бидат максимално внимателни. Во видеопораката од Инфективната клиника, која ја објави министерката за здравство Огерта Манастирлиу, докторот вели дека состојбата со коронавирусот сѐ уште е на половина пат и оти не ја покажал целосната слика за проблематиката. („Либертас“)
Приштина – Поддршката од парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за демократијата, човековите права и владеење на правото во Косово останува силна во овие тешки времиња, изјави известувачот за Косово Питер Бејер. Косово се најде и во услови на политичка и уставна криза, откако избраната влада ја изгуби довербата на крајот на март, во исто време со кризата со ковид-19. („24 часа“)
Бисер балкански
Роденденска корона-забава
Сараевската полиција завчеравечер прекинала роденденска забава во еден елитен ресторан во градот, откако еден од гостите поставил фотографија на социјалните мрежи. Приватната забава ја организирал Јусуф Шабановиќ, директор на Клиниката за општа и абдоменална хирургија, кој на својата роденденска забава повикал повеќе лица од политичкиот и јавниот живот во БиХ. На забавата не биле почитувани мерките за физичко дистанцирање, а присутните не носеле маски и ракавици.
Од Министерството за внатрешни работи на Кантонот Сараево потврдија дека ресторанот „Голф клуб“ е затворен по приватната забава што се одржа спротивно на препораките поради епидемијата од коронавирусот.Сите 16 лица присутни на забавата ќе добијат пријави и ќе бидат казнети. Во ресторанот биле присутни и естрадните ѕвезди: Хари Варешановиќ, Шериф Коњевиќ, Халид Бешлиќ, министерот за надворешна трговија и економски односи во Советот на министри на БиХ, Сташа Кошарац, и други. Најскандалозно е присуството на деканот на Ветеринарниот факултет во Сараево, Нихад Фејзиќ, кој е член на Научното тело за следење на анализата на состојбата со коронавирусот во кантонот.