Сараево – Пожарот што почна да се шири вчера рано утрото во станбениот комплекс во сараевската населба Буќа Поток остави околу 20 лица без покрив над главата.
Штетата е огромна и, според сликите од теренот, пожарот уништи речиси сѐ. Покривите целосно изгореа, а пожарникарите успеаја да спречат огнот да се прошири понатаму кон соседните објекти во населбата. („Аваз“)
Љубљана – Владата на Словенија забрани продажба на пластични производи за еднократна употреба, со неколку исклучоци. Забраната ги опфаќа пластичниот прибор за јадење, чинии и сламки, како и чепкалки за уши, освен оние што се користат како медицинска опрема. Исто така, забранети се и пластични стапчиња за балони, со исклучок на оние наменети за индустриска употреба. („Словенија тајмс“)
Бугарија – Од вчера стапуваат во сила новите мерки против ковид-19 на територијата на Бугарија, откако случаите на заразени лица повторно почнаа да растат. Во земјата има 1.371 нов случај на коронавирус, со извршени 20.952 теста, што значи дека 6,5 проценти од земените примероци се позитивни. Во согласност со новите мерки, се ограничува капацитетот на рестораните, спортските сали, настаните, личните прослави и детските центри на 50 отсто. Објектите ќе користат 100 отсто од нивниот капацитет доколку персоналот и клиентите се вакцинирани, прележале коронавирус или достават негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа пред да влезат во објектот. („24 часа“)
Бисер балкански
Рекордер по кривични пријави
– Секој има право да го стори тоа. Мислам дека јас сум личноста против која има најмногу кривични пријави. Нешто пристигнува секој ден. Гледам дека од Обвинителството на Босна и Херцеговина денеска пристигна покана за сослушување поради наводно негирање геноцид – рече Мирослав Додик, по одлуката на Обвинителството на Босна и Херцеговина да го повика српскиот член на Претседателството на БиХ и лидер на Сојузот на независни социјалдемократи, Милорад Додик, на сослушување за негирање на геноцидот во Сребреница.
Додик додаде дека градоначалникот на Јабланица, Дамир Шабановиќ, поднел кривична пријава против него, бидејќи не се согласил да ангажира хеликоптери на вооружените сили за гасење пожар во подрачјето на Јабланица.