Приштина – Амбасадорот Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, за косовско-српскиот дијалог, од вчера е во Косово, а планирано е неделава да отпатува и за Белград. Гренел во оваа пригода најави почнување на спроведувањето на економските договори, кои на 4 септември во Белата куќа во Вашингтон ги потпишаа косовскиот премиер Авдулах Хоти и српскиот претседател Александар Вучиќ.
(„Нетпрес“)
Подгорица – Според изјавата на црногорската влада, само во Подгорица биле издадени 17 прекршочни налози за непочитување на мерките за заштита од коронавирусот и била наплатена вкупна казна од 20.350 евра.
Поради непочитување на мерките на Националното координативно тело (НКТ) во борбата со коронавирусот, за два дена биле извршени 445 контроли.
(„Вијести“)
Љубљана – Во Словенија се потврдени 50 нови случаи на коронавирус во последните 24 часа, но тестирани се само 984 примероци, што е третина од бројот на тестови во работните денови. Во Словенија моментално има 1.280 активни случаи, а зголемен е и бројот на хоспитализирани , кои во моментов се 70, четири повеќе од претходниот ден. Од почетокот на епидемијата во Словенија се заразени 4.478 лица, од кои 142 починале. („Хина“)
Бисер балкански
Ранета партизанска ѕвезда
– Оваа накривена и „ранета“ ѕвезда во својата примарна симболика го означува парадоксот на отфрлениот и на антифашистичкото и револуционерно наследство, како симбол на меѓународното работничко движење и борба за праведно општество – изјави Немања Цвијановиќ, автор на инсталацијата „Споменик на црвената Риека – самоодбранбен споменик“, која е во рамките на проектот Европска престолнина на културата.
Црвената петокрака е поставена на кула во централниот дел на градот, а во неа се вградени 2.800 парчиња скршено стакло, кое потсетува на 2.800-те загинати борци во битката за Риека. Споменикот на партизанската ѕвезда е поставен на денот кога во 1943 година, по капитулацијата на Италија, Истра и другите делови што беа под италијанска окупација беа приклучени кон матичната земја Хрватска.
Во неделата поголем број граѓани протестираа против поставувањето на оваа уметничка инсталација.