Подгорица – Мандатарот за црногорски премиер, Здравко Кривокапиќ, најави дека новата влада ќе се формира до 10 или 11 ноември. Според Кривокапиќ, нема многу време и треба земјата да добие влада до следниот месец за да се справи со многу проблеми. Тој повтори дека ќе има експерти на клучни позиции во Владата, како и некои политичари.

Атина – Невреме проследено со обилен дожд утрово предизвика големи проблеми и штети во Грција. Во неколку општини на Атина ветрот откорна дрвја и уништи куќи. Како што пренесуваат грчките медиуми, иако ветерот не траел долго, невремето било силно и нанело голема штета.

Загреб – Напаѓачот што викендов наутро отвори оган кон полицаец и кон зградата на Владата на плоштадот „Марко“ во Загреб, а потоа изврши самоубиство, според неофицијални информации, се викал Даниел Безук. Како што јавуваат хрватските медиуми, тој имал само 22 години. Безук живеел во областа Кутина, а неговиот татко бил доброволец во Татковинската војска, пишуваат хрватските медиуми. Меѓу фотографиите на неговиот фејсбук-профил може да се најде една со дрвен модел на пушка.


Бисер балкански

Рама: Мета го одликува Мета

Продолжува преписката преку социјалните мрежи меѓу албанскиот претседател Илир Мета и премиерот Еди Рама, кои се карактеризираат со обвинувања, предупредувања и со потсмевање од страна на Рама. Претседателот Мета му порача на Рама дека нема да го потпише изменетиот Изборен законик, кој беше изгласан без постигнат консензус, и оти ќе го врати во Собранието на повторно разгледување. Рама му возврати дека доколку Мета „дејствува на ваков начин тогаш неговото барање ќе биде одбиено“. Во последната објава на Рама, вчера попладнето, тој со иронија се обраќа кон претседателот во врска со одликувањата што тој им ги доделува на познати личности од историјата, уметноста, спортот „Мета го одликува Мета“.