Атина – Околу 54 отсто од Грците се изјасниле дека забраните што грчката Влада ги воведе за лицата што не се вакцинирани, се неопходни. Во периодот кога била спроведена анкетата, владејачката Нова демократија била со 12,8 отсто во предност пред СИРИЗА, а потоа следуваат Движење на промена, Комунистичката парија, Грчко решение и МЕРА25. На политичката сцена во Грција, две години по изборите и победата на Нова демократија, испитаниците изразиле незадоволство и од Владата и од најголемата опозициска партија СИРИЗА. („Независен“)

Загреб – Силниот дожд што падна во областа на градот Жупања им создаде големи проблеми на жителите на овој вуковарско-сремски град. Водата навлезе во повеќе куќи, но поплави и делови од градските патишта. Речиси целиот град е поплавен. Началникот на Генералштабот на цивилната заштита на градот Жупања, Младен Доган, изјави дека има проблеми во сите делови на градот. („Индекс.хр“)

Подгорица – Владата на Црна Гора ќе им додели туристички купон во износ од 50 евра на сите граѓани постари од 50 години што ја примиле првата доза на вакцината против коронавирусот во јули. Тие што ќе добијат купон ќе бидат известени преку СМС каде и во кој временски период можат да го користат купонот, како и детали поврзани со резервации во хотели. Во последните 24 часа во Црна Гора се регистрирани 28 нови случаи на коронавирус. („Вијести“)


Бисер балкански

Пребрзо во смрт!

Во изминатиот петгодишен период во Хрватска во сообраќајни несреќи настрадале 236 мотоциклисти. Тоа e 15 отсто од вкупниот број на загинати лица во сообраќајни незгоди, иако моторите се 3,8 отсто од вкупниот возен парк на граѓаните. Сообраќајниот судски вештак Горан Хусинец објаснува дека тоа се должи на сѐ поголема желба на младите да управуваат со спортски возила и поголемата достапност за купување на брзите машини на две тркала.
– Од 2000 година бројот на мотоциклите стагнираше, на пазарот се појавија релативно евтини спортски автомобили. Сега состојбата се менува и спортските автомобили се прескапи и недостапни за младите, додека мотоциклите се подостапни. Сѐ повеќе млади лица возат силни мотори, а не скутери. Сега побрзо се вози и се случуваат несреќи, а причината е преголемата брзина – вели Хусинец за „Ал џезира“.