Приштина – Две недели откако му беше дијагностициран ковид-19, косовскиот премиер Авдулах Хоти вчера соопшти дека има негативен тест.
На почетокот на месецов Хоти објави дека имал позитивен тест за коронавирус и најави дека ќе се самоизолира и работните обврски ќе ги извршува од неговиот дом. (МИА)
Подгорица – Министерството за образование на Црна Гора ги одложи почетокот на учебната година и отворањето на предучилишните установи до 1 октомври. Дотогаш, еден од родителите на деца под 11-годишна возраст ќе има право на платен одмор за да се грижи за децата. Здравствените власти проценија дека редовниот почеток на учебната година на 1 септември „носи ризик по здравјето на децата поради неизвесниот развој на епидемиолошка состојба, која, иако е под контрола, сепак е сложена“, велат од Владата. („Вијести“)
Љубљана – Од 80 увезени случаи на коронавирус во Словенија, 64 се од Хрватска, соопштија здравствените власти. Владата им препорачува на своите граѓани што поскоро да се вратат од летниот одмор во соседната земја, а во спротивно ќе одат во карантин. Конечната одлука за воведување карантин за словенечките туристи што се враќаат од Хрватска треба да ја донесе Владата денеска. („Макфакс“)
Бисер балкански
Празна држава
– Состојбата во Босна и Херцеговина е лоша. Гледам како земјата останува празна, без најважниот ресурс, без младите. Во земјите завладеа апартхејд. Ја гледам земјата што им е продадена на економските групации, земја што е центар на новата студена војна, која се води меѓу САД и Русија, земја без заедничка меморија, без заедничка историја, дури и без заеднички јазик. Остана малку време во БиХ да се сврти тркалото. Народот не може, но барем не би требало, повеќе да толерира поради интересите некој да си игра со нивната судбина. Ваквата очајна состојба дополнително ја отежнува и „татковскиот“ став на Европската заедница, која нема вистинска и праведна политика кон БиХ и која ја занемари. Имате преубава земја и нејзината иднина мора да ја преземете во свои раце – рече Лука Леоне, новинар и есеист, кој напишал повеќе книги за Босна и Херцеговина, во разговор за „Ал џезира“.