Брисел – Комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеи, вели дека Србија и Црна Гора солидно се движат на патот кон пристапувањето во ЕУ. Одговарајќи на прашањето на екстремно десничарските пратеници во Европскиот парламент за можните последици на патот на Црна Гора кон ЕУ поради протерувањето на српскиот амбасадор Владимир Божовиќ, но и претходните проблеми со Законот за религијата, Оливер Вархеи рече дека соработката во Балканот е од суштинско значење, особено во време на пандемиска криза. („Политика“)

Атина – Во Грција веќе трет ден по ред се регистрирани над илјада дневни нови случаи на ковид-19, од кои половина се во главниот град. Воведувањето полициски час од 18 часот наместо од 21 часот за викендите во Атина и префрлање на Солун во црвената зона со построги рестрикции се дел од мерките што се споменуваат во Грција, а би можеле да се воведат од денеска, доколку ваква препорака донесе Комисијата на епидемиолози на денешниот состанок. (МИА)

Загреб – Земјотрес со јачина од 3,8 степени според Рихтер вчера повторно ја стресе областа Петриња, а хрватските медиуми јавуваат дека многу жители на тоа место излегле на улиците од страв. Земјотресот е регистриран на три километри југозападно од Сисак, со длабочина од два километри. („Вечерњи лист“)


Бисер балкански

Посилно од сабја

– Ова е почеток. Продолжуваме со оваа борба. Има уште неколку града, како Суботица, Врање и Ваљево, каде што треба надлежните органи да се пресметаат со организираниот криминал. Борбата против организираниот криминал и мафијата ќе биде еден од клучните приоритети, покрај борбата против коронавирусот. Сакаме да го искорениме организираниот криминал, колку и да биде опасно тоа за луѓето што се занимаваат со тоа – изјави Ана Брнабиќ, претседателка на Владата на Србија, за апсењето на криминалната група на Бељко Беливук од Белград.
Брнабиќ за оваа акција рече дека тоа е најголем удар на криминалот од операцијата „Сабја“ во 2003 година, која беше спроведена по убиството на премиерот Зоран Ѓинѓиќ, во кое беа инволвирани и учествуваа високи полициски структури и членови на т.н. Земунски клан.