Сараево – Босна и Херцеговина официјално има поголем вкупен број на лица заразени со коронавирус отколку Кина, првата земја во која се појави оваа инфекција. Вкупно 86.706 лица заразени со коронавирус биле регистрирани во БиХ од март до саботата, од кои 52.650 лица закрепнале.
Бројот на смртни случаи како последица на ковид-19 во БиХ е 2.577. Од почетокот на пандемијата во Кина се забележани 86.501 случај на коронавирус.
(„Кликс“)
Софија – Дури 45 проценти од Бугарите (и речиси 100 отсто од приврзаниците на националистичките партии) претпочитаат силна рака на лидер што „не го попречуваат парламентот и изборите“, а 35 отсто претпочитаат либерална демократија. Ова произлегува од новата студија на бугарскиот центар за проучување на демократијата. На друго место во Европа нема слични резултати – дури и во „нелибералната“ Унгарија повеќе луѓе претпочитаат демократија, велат авторите на истражувањето. („Дојче веле“)
Приштина – На патот Гњилане – Урошевац е откриен споменик на Џозеф Р. Бо Бајден III, починатиот син на новоизбраниот претседател на САД Џо Бајден. На свечената церемонија градоначалникот на Гњилане, Љутфи Хазири, по чија иницијатива е поставен споменикот, го пофали придонесот на Бо Бајден. („Репортери“)
Бисер балкански
Политичка (не)нормалност
– Живееме во нова политичка ненормалност. Сѐ се претвори во некаков одвратен консумеризам и стана неважно дали некого ќе продадеш, ќе измамиш, ќе го наговориш читателот или гледачот само да гледа, само да чита, само да кликне. Тоа се користи за манипулативни цели. Проблем е што граѓаните не го забележуваат тоа, но нам, кои се занимаваме со новинарството, навистина ни е одвратно. Целиот тој круг е поврзан. Претседател на држава, министри, локални моќници, медиуми секогаш повторуваат иста мантра. Се гледа дека тие имаат дневна мантра, дневна задача и постојано повторуваат исти фрази. Мене ме интересира кој е тој креативен тим што го смислува тоа, сите тие работи што нѐ заморуваат – изјави Зоран Кесиќ, новина и сатиричар, во разговор за Радио Слободна Европа, во кое говори за состојбата во Србија.