Белград – Долга колона од луѓе се создаде во трговскиот центар „Ушче“ во Белград, каде што граѓаните дојдоа да се вакцинираат против коронавирусот на новоотворениот пункт за вакцинација, но и да добијат ваучер во износ од 3.000 динари, што беше награда за првите 100 што дојдоа до пунктот. Иако отворањето беше закажано за девет часот, многу граѓани започнаа да се собираат во редици пред трговскиот центар уште пред осум часот. („Новости“)

Софија – Една бугарска двојка беше приведена во Германија под сомнение за вмешаност во синџир на трговија со луѓе. Приведената двојка се сомничи дека регрутирала најмалку девет сиромашни бремени жени од Бугарија за да заминат во Грција во рамките на операцијата за трговија со луѓе. Тие беа обвинети во февруари заедно со нивниот син за „учество во организирана криминална група за трговија со новороденчиња на територијата на Грција“, соопшти бугарското обвинителство. Тројцата беа обвинети за регрутирање бремени жени од цела Бугарија за да им ги продаваат своите новородени бебиња на посредници за 3.000 и 4.300 долари. (РСЕ)

Тирана – Албанија ја укина одлуката за задолжителен двонеделен карантин за лицата што влегуваат во Албанија, донесена на 20 април. Од другите мерки што се во сила во Албанија, се отворањето на универзитетите, но само за консултации и сезоната за испити и со строга примена на протоколите и мерките за заштита. („Алсат“)


Бисер балкански

Пари од хеликоптер

– Во морето популистички мерки што лани беа одобрени како финансиска поддршка за граѓаните и стопанството се потрошени шест отсто од вредноста на бруто-домашниот производ за да се спречи БДП да не падне, на пример, за четири отсто, туку за еден отсто. Ефектот од таа помош е мал. Беше бесмислено што се делеше неселективно, па помошта им беше поделена на фирмите што не работеа, како и на фирмите што остварија екстра-профит. Тоа е фрлање пари од хеликоптер и заради политички поени. Кога на тоа ќе се додаде фактот дека парите се обезбедени со задолжување на државата, за што ќе се плаќа камата, поделбата на наградата на граѓаните дејствува најмалку бесмислено – вели Горан Радосављевиќ, професор на факултетот ФЕФА, по седницата на фискалниот совет во Србија, за предлогот на српскиот претседател Александар Вучиќ да му се исплатат по 3.000 динари на секој граѓанин што се вакцинирал.