Белград – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вели дека би сакал да слушне реакции од Вашингтон, Брисел и другите центри на моќ во врска со изјавата на Харадинај за референдум за обединување на Косово со Албанија. Вучиќ вели дека Харадинај е опасен човек и сериозен политичар, кој се залага да стане нов претседател на Косово. (РТС)

Љубљана – Поради труење со јаглероден моноксид, 12 лица се пренесени во болница. Никој од нив не е во животна опасност. Труењето се случило во една зграда во Добрна, во неделата, околу 18 часот, а затруените лица поминале цел ден во мала просторија без вентилација, каде што готвеле и пушеле.


Бисер балкански

Паралелни уредници

Дел од опозицијата на Србија подготвува барање за „паралелно“ уредување на информативните емисии на јавните сервиси, Радио-телевизија Србија и Радио-телевизија Војводина. Овој предлог, кој ќе биде доставен до власта, подразбира дека уредниците ќе се менуваат секој ден, односно еден ден информативните содржини ќе ги уредуваат актуелните уредници, а друг ден „независни“ уредници. Зад овој предлог стојат Партијата за слобода и правда, Демократската партија и Движењето на слободни граѓани.
– Дури и да се прифати овој предлог на опозицијата, суштински нема ништо да се смени на медиумската сцена во Србија, бидејќи власта за своите потреби ги користи безмалку сите медиуми во државата, кои се платени со пари од државата – изјави Недим Сејдиновиќ, новинар и медиумски аналитичар за „Данас“.