Фото: Архива

Атина – По повеќе од два месеца, во Грција повторно се регистрирани над 3 000 нови случаи со ковид-19. Има нови 3.109 заразени, а починаа четири лица. Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје, од новите случаи 24 се увезени, од кои 11 се откриени на граничните премини, а повторно најголемиот број од новозаразените (1.571) се во регионот Атика, поширокиот регион на Атина, додека 214 се во Солун. (МИА)

Сараево – Директорот на Разузнавачко безбедносната агенција на Босна и Херцеговина, Осман Мехмедагиќ, вчера беше приведен по барање на Обвинителството. Обвинителството на БиХ спроведува истрага за валидноста на дипломата на Мехмедагиќ. Претходно е уапсен директорот на Американскиот универзитет во Тузла, Денис Прциќ, под сомнение дека сторил кривично дело, односно му помогнал на Мехмедагиќ да се стекне со фалсификувана диплома. („Аваз“)

Тирана – Во албанското пристаниште Драч, во контејнер со банани, биле откриени и запленети најмалку 11 килограми кокаин. Контејнерот со банани бил натоварен во Еквадор, а меѓу нив биле скриени 14 пакетчиња со дрога. Нарачката пристигнала пред два дена, а полицијата интервенирала кога од компанијата пристигнале да ја подигнат.
Ова е вторпат истата компанија да ја користат шверцерите со кокаин од Еквадор во Албанија. Во 2017 година, во грчкото пристаниште Пиреја, во контејнер од оваа компанија е откриено количество од 137 килограми кокаин. Во овој случај беа уапсени две лица, додека по едно сѐ уште се трага. Вмешаност на сопственикот на компанијата не беше утврдена. („Ора њуз“)


Бисер балкански

Пазарна (не)економија

Цените на доматот во продавниците во Србија деновиве изнесуваат околу 80 динари. На белградските пазари овој зеленчук во просек се продава од 120 до 150 динари. Во некои луксузни маркети доматот се продава и за 200 и 220 динари за килограм.
– Потребни се 50 динари за одгледување килограм домати, а за 10 динари не ми се исплати ни да ги берам. По оваа жештина нека излезе некој да ги бере сам – рече Томислав Илиќ, земјоделец од Лесковац, кој заедно со другите одгледувачи на домати протестира поради ниската пазарна цена. Тие во петокот ги фрлаа доматите во контејнер, а некои и бесплатно им ги делеа на граѓаните на Лесковац.