Загреб – Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, в четврток ќе допатува во Загреб, откако комисијата го одобри Националниот план за обновување на Хрватска, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Според Пленковиќ, „зеленото светло за планот за обновување од 6,3 милијарди евра е важно охрабрување“. Хрватскиот план е структуриран во околу пет компоненти – зелена и дигитална економија, јавна администрација и судство, образование, наука и истражување, пазарот на трудот, социјалната заштита и здравствената заштита. Тој вклучува и иницијатива за реновирање згради. („Јутарњи“)
Тирана – Поради генералниот штрајк на давателите на услуги за воздушен транспорт во Италија, вчера беа откажани четири лета од меѓународниот аеродром во Тирана кон Италија, објави Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ). Аеродромот во Тирана, особено во летниот период, го користат многу македонски иселеници што живеат и работат во Италија, а доаѓаат одморот да го минат во родните места. („Алсат“)
Подгорица – Црногорската влада планира да го раскине договорот за имунитет со Соединетите Американски Држави, со кој американските граѓани се ослободуваат од надлежноста на Меѓународниот кривичен суд. Во мај 2007 година, Црна Гора потпиша Договор за статусот на силите (СОФА) со Соединетите Американски Држави, со кој се регулира привремениот престој на американските војници на црногорската територија. (РТЦГ)
Бисер балкански
Онлајн со Комунистичката партија
Претседателот на Србија и на Српската напредна партија, Александар Вучиќ, вчера учествуваше на онлајн самитот по повод одбележувањето 100 години од Комунистичката партија на Кина. Највисоките функционери на СНС и Вучиќ ќе учествуваат во програмата на самитот, кој директно ќе се пренесува на кинеската национална телевизија ЦГТН. На самитот ќе учествуваат 21 земја, а овој настан во „Новости“ беше најавен како „голем ден за Србија“.
На онлајн самитот ќе учествува и министерот за внатрешни работи на Србија и претседател на Движењето на социјалистите, Александар Вулин. Можноста да се обрати на самитот на Комунистичката партија на Кина, во „Новости“ беше најавена како „голема чест за Србија“.