Атина – Средства во висина од 1,5 милијарда евра за месец ноември, а 2,3 милијарди евра до крајот на годината се наменети за бизнисите и вработените погодени од новите рестриктивни мерки во Грција, соопшти министерот за финансии Христос Стајкурас. Како што јавија грчките медиуми, меѓу деветте иницијативи на министерствата за финансии и труд и социјални работи се и можноста за привремено суспендирање на работниот однос и вклучување на вработените во програмата за добивање надомест од 534 евра месечно, а на конкретната категорија вработени им се дава можност и за одложување на плаќањето на даночните долгови, а истото тоа важи и за бизнисите.

Приштина – Возрасните лица над 60 години се ослободени од работа, оние над 65 години може од дома да излегуваат двапати во денот, намалување на бројот на вработени во јавната администрација, се дел од новите мерки што денеска ги најави министерот за здравство во Приштина, Арменд Земај, со намера сузбивање на епидемијата. Во Косово последните денови се бележи зголемен број заразени.


Бисер балкански

Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ

Оние што зборуваат за полициски час треба да се стават во марица

Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ викендов изјави дека не се согласува со оние што се залагаат за воведување полициски час како мерка во борбата против коронавирусот, кажувајќи дека тие што го предлагаат тоа треба да се „стават во марици“.
– Ова е борба за здравјето, но пред сѐ за менталното здравје на човештвото. Мислам дека оние што зборуваат за полициски час треба да се стават во марица. Од изразот „полициски час“ на човек му се ежи кожата“ – им кажа Милановиќ на новинарите во Загреб. Тој додаде дека тие што го прават тоа треба да се носат со последиците на тие одлуки.