Белград – Српската премиерка Ана Брнабиќ во Сараево потврди дека нејзината земја ќе гради нова хидроцентрала на Дрина во соработка со властите на Република Српска, и покрај тоа што нема согласност од властите на БиХ, а Црна Гора смета дека проектот е еколошки проблематичен. Брнабиќ ги донесе сите свои министри во источно Сараево и одржа заедничка седница со Владата на РС, по што им рече на новинарите дека Србија обезбедила пари за изградба на хидроцентралата „Бук Бијела“, а работата во вредност од околу 200 милиони евра може да почне веднаш. („Хина“)
Тирана – Албанските демократи на 13 јуни ќе избираат нов лидер, по принципот еден член еден глас. Ова е едногласна одлука донесена на седницата на Националниот совет на партијата, по предлог на претседателството, а по сѐ позачестените барања за оставка на актуелниот лидер Љуљзим Баша, по поразот на парламентарните избори, кои во земјата се одржаа на 25 мај.
Ова беа втори последователни порази на парламентарни и исто толку на локални избори откако на чело на партијата е Баша и тој мора да преземе одговорност – смета Фатбард Кадили, член на претседателството, кој веќе најави дека ќе се кандидира за претседателската функција во партијата. („Алсат“)
Бисер балкански
Од протести за гаража до градоначалник
На локалните избори во Хрватска, според првите нецелосни резултати на Државната изборна комисија, на гласањето за градоначалник на главниот град Загреб најмногу гласови освоил Томислав Томашевиќ од зелено-левата коалиција, со околу 45 отсто, а во вториот круг се пласирал и музичарот Мирослав Шкоро, со 12 проценти од гласовите. Томашевиќ на јавноста ѝ е познат како борец за јавниот интерeс во Загреб и експерт за заштита на околината и управувањето со комунални услуги. Со граѓански активизам се занимава од 16-годишна возраст, кога ѝ се приклучил на Зелената акција.
Пред единаесет години Томашевиќ ги предводеше протестите во Загреб, кога во една од главните градски улици почнаа работите на влезот на спорната гаража. Граѓаните тогаш влегоа во градежниот простор, по што интервенираше и полицијата.
Томислав Томашевиќ беше кандидат на партијата Можеме, која на последните парламентарни избори во Хрватска освои седум пратенички мандати и сериозно ја загрози долгогодишната доминација на ХДЗ и СДСП. Тој се споменуваше и како иден премиер на Хрватска.