Панорама / Оваа или онаа држава!

Тирана – Во последните извештаи на Европската канцеларија за азил, Албанија се најде на второто место според барањата за азил во однос на населението, оставајќи ја зад себе само Сирија, притоа 75 отсто од Албанците што бараат азил во земјите на Европската Унија се помлади од 34 години. Податоците на Европската канцеларија за азил покажуваат дека минатата година за азил аплицирале околу 6.500 албански граѓани, наспроти 20.000 колку што апликации имало претходната година. („Република“)

Атина – Грција го продолжи задолжителниот седумдневен домашен карантин за сите што во земјата ќе влезат на кој било начин и со кое било превозно средство. Одлуката ќе трае до 8 март 2020 година. Понатаму во сила е задолжителната потврда за негативен ПЦР-тест направен 72 часа пред патувањето, за сите оние што до 8 март ќе пристигнат во Грција. При пристигнувањето, ќе се спроведуваат и брзи тестови за дел од патниците во согласност со предвидениот процес според податоците внесени во специјалниот формулар за патување во Грција. („Независен“)

Сараево – Директорот на Службата за итна медицинска помош во Сараево, Адем Залихиќ, ги предупреди граѓаните за огромен скок на бројот на новоинфицирани со ковид-19. Тој на својот фејсбук-профил објави дека епидемиолошката состојба во Сараевскиот кантон се влошува и дека потврда за тоа е огромниот скок на бројот на новоинфицирани во изминатите 24 часа, што изнесува 246. („Ослобоѓење“)


Бисер балкански

Оваа или онаа држава!

– Социјализам со човечки лик или демократија во непрекината транзиција – што е подобро? Политичките процеси на овие простори ја родија демократијата, но тоа не е среќа сама по себе. Тоа е претпоставка, но не мора да биде точна. Да бидеме конкретни, да го земеме примерот со земјотресот во Загреб или да не ја споменуваме пандемијата. Државата е демократска, со сите можности и права и со пари од Европската Унија, таа иста држава не презеде ништо по една година за да ги врати луѓето во оштетените станови, ниту да санира некои делови од Долниот Град. И да ги прашаме луѓево во која држава подобро живееле, во оваа или онаа. Што мислите што ќе одговорат – изјави Бобо Јелчиќ, режисер од Мостар со адреса во Загреб, во разговор за Ал џезира, за неговата најнова експериментална претстава што е реализирана во виртуелниот свет.