Приштина – Премиерот на Косово, Авдулах Хоти, тврди дека нема да има Заедница на српски општини (ЗСО) со извршни овластувања, дека прашањето повеќе не постои, но дека е создадена обврска. Хоти вчера на прес-конференција соопшти дека не очекува прашањето за формирање на ЗСО да го блокира дијалогот меѓу Белград и Приштина.
– Беше договорено темата ЗСО да биде затворена и доколку има блокада на дијалогот, тоа нема да биде наша одговорност – вели Хоти.
Тој наведува дека косовскиот устав бил прекршен во 2013 година, кога бил ратификуван договорот за формирање, како што вели, на здружението на општини со српско мнозинство

Атина – Грчките вооружени сили почнаа со поставување вештачки пречки, поправка на набљудувачници и инсталирање на осветлување по должината на грчката граница во Еврос. Целта на работите е да се олесни работата на грчката полиција и Фронтекс при патролирање и надзор и безбедно да се спречи нелегалното влегување во Грција. Работите се одвиваат истовремено со изградбата на оградата долга 26 километри, јави агенцијата АНА.
Тие се изведуваат според упатствата на Грчкиот штаб за национална одбрана, со учество на инженерски единици и градежни одреди на вооружените сили во областа Еврос.


Бисер балкански

Нова влада, ама и нови избори

– За секој политичар што гради држави, најголема чест е да биде на чело на највисокото претставничко тело и носител на уставната и законодавната власт – изјави Ивица Дачиќ, новиот спикер на српскиот парламент.
Тој ја даде оваа изјава откако претседателот на Србија и СНС, Александар Вучиќ, објавил дека Дачиќ ќе биде шеф на Собранието на Србија. Дачиќ, кој досега беше министер за надворешни работи на Србија, во исто време најави и нови предвремени избори во 2022 година, кои ги соопшти претседателот Вучиќ.