Брисел – Поранешен командант на распуштената Ослободителна војска на Косово е уапсен во Белгија за наводни воени злосторства извршени за време на војната во земјата со Србија во 1990-тите години, соопшти Меѓународниот суд во Хаг.
Пјетер Шала, познат како Командант Волкот, беше локален воен водач во западно Косово за време на конфликтот, кој заврши во 1999 година, откако воздушната кампања на НАТО ги принуди српските сили да се повлечат. („Независен“)

Подгорица – Потпретседателот на црногорската влада, Дритан Абазовиќ, пред Комитетот за надворешни работи на Европарламентот изјави дека новата влада во Подгорица не е проруска и дека оние што отстапуваат „еден сантиметар“ од европската и евроатлантската агенда нема да бидат нивни партнери. Тој рече и дека со актуелните луѓе во обвинителството не може да се постигнат резултати во владеењето на правото.
– Многу луѓе не ја знаат новата влада и знам дека постои кампања дека новата влада е проруска и дека ја одржуваат луѓе што не се за Европската Унија. Сакам да ве уверам дека тоа не е точно – рече Абазовиќ пред европските пратеници. (РТЦГ)

Приштина – Претседателот на Единствената горанска партија, Адем Хоџа, изрази поддршка за формирањето на новата косовска влада, предводена од лидерот на Самоопределување, Албин Курти.
Хоџа oвој став на партијата ѝ го соопштил на вршителката на должноста претседател на Косово, Вјоса Османи, на средбата што вчера ја оствариле во нејзиниот кабинет.
(„360 степени“)


Бисер балкански

Новата левица

– Денес верувам и ја поддржувам новата левица. Само младите во целиот регион, само во нив верувам и ги поддржувам. Кога почнуваше војната, тоа беше некој мој духовен долг против војната што сакав да ја спречам. Денес сум доволно стар, иако не се предавам, оставам на младите да го решаваат тоа, сакам да бидам политички ангажиран во моите претстави. Страшно е колку млади заминуваат. Тоа е проблем на новите држави, проблем на идентитетот и на опстанокот на тие држави како ќе се снајдат меѓу големите сили во Европа. Хрватска, која е членка на ЕУ, добива вакцини на „лажиче“, а се поставува прашањето зошто тоа не ѝ се случува на Германија, затоа што ним не им е грижа. Ние сме на крајот на случувањата, тие не се виновни како политичари, тие не можат ништо, од тоа што Европа го подготвила за нас – вели актерот Раде Шербеџија, на гостувањето во емисијата „Пресинг“, во која нагласи дека е левичар, но дека е разочаран од левицата на неговата генерација.