Софија – Производството на американските борбени авиони „Ф-16“, нарачани од Бугарија, почна во САД, објавија американските воздушни сили. Бугарија очекува првите шест борбени летала да бидат испорачани во 2023 година. Уште два „Ф-16“ ќе останат во Соединетите Американски Држави за обука на бугарски пилоти, што е во тек, и на техничкиот персонал. Во 2019 година, Бугарија плати вкупно две милијарди и двесте милиони лева за авиони. (БНР)

Белград – Во Србија започнаа антитерористички воени вежби на руската и на српската војска. Во нив учествуваат единици за специјални операции на Србија и на Русија. Во воените вежби учествуваат 200 војници и 11 единици воена опрема на Западниот воен округ. За време на воените вежби се вежба десант, со помош на падобранските системи „Арбалет“. („Спутник“)

Атина – Најмалку шест села и два манастира беа превентивно евакуирани, поради големиот пожар што изби доцна синоќа во близината на Коринт во Грција. Грчката противпожарна служба со 182 пожарникари, седум пешадиски тимови, 62 возила, со 17 авиони, три хеликоптери и со помош на цистерни од општината и волонтери, се обидува да го стави под контрола пожарот.
(АНА-МПА).


Бисер балкански

На што завидуваат Србите!

– Ако Србија за нешто ѝ завидува на Хрватска, а тоа да не е морето, тогаш тоа се патиштата. Секој што имал можност со автомобил да тргне кон западот преку територијата на оваа земја, тешко е да не се запраша зошто не е така кај нас. Таа разлика во квалитетот на патиштата може да се почувствува кога 50 метри по преминувањето на границата во човекот се јавува чувството како од писта да се симнал на калдрма. Непријатно е на овој начин да видиме „каде се тие“, а „каде сме ние“. Впрочем, таа разлика во животниот стандард не е голема под слабите амортизери на типично половно српско возило, но нашата власт се погрижи да нѐ потсети на нашето заостанување со развиените земји – пишува Александар Милошевиќ во личниот поглед за „Данас“, за разликите во градењето на патишта во Србија и во Хрватска.