Загреб – Премиерот Андреј Пленковиќ е на врвот на листата на најнегативно оценети хрватски политичари, а претседателот на парламентот, Гордан Јандроковиќ, е меѓу првите тројца, покажуваат резултатите од истражувањето спроведено од „Промоција плус“.
Анкетата покажала пораст на популарноста на новиот градоначалник на Загреб, Томислав Томашевиќ, и политичката платформа Можеме, пад на рејтингот на претседателот Зоран Милановиќ и силна прва позиција на ХДЗ.
Една година од последните парламентарни избори во Хрватска, ХДЗ сè уште е водечка политичка партија, а неа ја поддржуваат 27,4 проценти од испитаниците.
(„Јутарњи лист”)
Подгорица – Вкупно 86 милиони киловат часа неовластено користена електрична енергија во вредност од 8,7 милиони евра е евидентирана во Црна Гора од 2016 година, објави Црногорскиот систем за дистрибуција на електрична енергија (ЦЕДИС).
Од вкупната сума, ЦЕДИС успеа да собере околу 70 проценти или шест милиони евра. Неовластеното користење електрична енергија во Црна Гора се третира како кривично дело. („Дан“)
Љубљана – Поради зголемениот број на увезени случаи на заразени со коронавирус минатата недела, Словенија одлучи од 15 јули да ги смени критериумите за влез во земјата и повеќе нема да зависи од која држава доаѓаат патниците, туку само од нивниот ковид-статус.
Според одлуката на словенечката влада, за влез во земјата без карантин ќе важи европската дигитална потврда за вакцинација или дигитална потврда од трети држави, а основен критериум за влез е доказ дека некое лице прележало ковид-19, целосно е имунизирано или има негативен резултат од тест. („Дело“)
Бисер балкански
Најдобар зет
Во Приепоље викендот се одржа необична манифестација, на која жителите на овој српски град избираа најдобар зет и снаа! За најдобар зет годинава беше избран Роберто Горело, Италијанец, кој работи како дипломат во Рим, каде што живее со неговата сопруга Снежана.
– Овде доаѓаме неколку пати во годината. Луѓето се пријатни и гостопримливи. Природата е убава, а ми се допаѓа и храната – вели Роберто.
Титулата на најдобар зет досега ја добиле повеќе од 50 мажи од 11 земји од Европа и од Америка. Годинава првпат се избираше и најдобра снаа, а тоа е Верица Мековиќ, која се доселила во градот на Лим пред 32 години, кога се омажила за стоматолог што е жител на Приепоље.