Софија – Лидерката на Бугарската социјалистичка партија (БСП), Корнелија Нинова, изјави дека принципиелен став на таа партија е против каква било коалиција со десничарскиот ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов. БСП го освои третото место по партијата Има такви луѓе, на популарниот ТВ водител Слави Трифонов, која е на второто место.
Таа кажа дека целиот извршен совет на БСП поднел оставка по тешкиот пораз на изборите, но дека таа нема да поднесе оставка, бидејќи партијата во моментов не може да остане без лидер и да одржи интерни избори. („Капитал“)

Атина – Горд сум што Грција ја надгради својата геополитичка динамика во петте тешки години додека бевме на власт и што зад себе остави еден многу важен договор, Договорот од Преспа, рече лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас, во интервју за грчката телевизија Контра, објаснувајќи дека, благодарение на договорот, Турција не е и на северната грчка граница.
Говорејќи за надворешната политика на земјата, поранешниот грчки премиер се осврна и на Договорот од Преспа и рече дека „некои што глумеа, иако знаеја дека е позитивен договор, се бореа против него до последен момент поради политички цели“. (МИА)

Загреб – Земјотрес со магнитуда од 4,6 степени според Рихтер го потресе подрачјето околу Сисак, вчера претпладне, јави Европскиот медитерански центар за земјотреси. Земјотресот бил на длабочина од 5 километри, оддалечен на 15 км од Глина, или 65 км од Загреб. Земјотресот се почувствувал и во Босна и Херцеговина. („Индекс“)


Бисер балкански

Насилни родители

– Не треба секое биолошко семејство да се грижи за своите деца. Поради низа околности ги добиле децата, но тоа не значи дека се добри родители. Ставот во општеството сѐ уште е таков што ако си родител, тогаш сѐ знаеш. Секое семејство за време на пандемијата ќе биде изложено на некоја криза, некој полесно ќе го реши, а некој ќе тргне со малтретирање – изјави Звездана Вогдановиќ, советничка во Министерството за труд, за пензиски систем, семејство и социјална политика, по пропустот на социјалните служби во Хрватска, во случајот со починатото двегодишно девојче, кое добило тешки повреди на главата, по насилството од нејзината мајка.
Околу 66 отсто од децата во Хрватска се изложени на физичко казнување од своите родители и блиски роднини, покажало истражувањето на 3.000 деца на училишна возраст. Овој број е околу 518.000 деца. Во САД, 94 отсто од родителите ги удираат сопствените деца до нивната тригодишна или четиригодишна возраст, објави „Јутарњи лист“.