Приштина – Пратениците од осмиот состав на Собранието на Косово положија заклетва на конститутивната седница што се одржа вчера, а Глаук Коњуфца од движењето Самоопределување беше избран за претседател на Собранието. Избрани се и пет потпретседатели на Собранието, тројца од трите најголеми албански парламентарни партии и двајца од малцинските заедници: Саранда Богујевци од движењето Самоопределување, Бедри Хамза од Демократската партија на Косово, Кујтим Шала од Демократската лига на Косово и Славко Симиќ од Српската листа и Беким Арифи од другите несрпски заедници.
Изборот на Собранието го отвора патот за формирање на новата влада на Косово, а потоа и за избор на претседател. (РСЕ)

Атина – Грција им нареди на лекарите од приватниот сектор во поширокиот регион на Атина да му помогнат на јавниот здравствен систем да се бори со растот на бројот на новозаразени со коронавирус, рече министерот за здравство Василис Кикилиас. Грција во неделата забележа 1.514 нови инфекции, а 41 лице починале како последица на зараза со ковид-19.
– Министерството за здравство со недели испраќаше повици, апелирајќи до приватните лекари да им помогнат на болниците за време на третиот бран на пандемијата на ковид-19. За жал, многу малку се јавија на повикот – рече Кикилиас. („Локално“)


Бисер балкански

Мегафони на омразата

– Ако не си со нас, тогаш си непријател. Тоа е наративот на владејачкото мнозинство. Пратениците во манирот на таблоидите и радикалната реторика од 1990-тите години служат како мегафон на омразата. Зборуваат како што им е напишано, гласаат на ѕвонче, создаваат култ на личност на штета на институциите и владеењето на правото – вели Раша Недељков, програмски директор на невладината организација „Црта“, за сѐ позачестените напади од пратениците врз невладиниот сектор во Србија.
Тој во разговор за „Данас“ говори дека српскиот парламент е далеку од демократскиот амбиент што се создава во него, наместо да биде столбот на Србија на патот кон Европа.