Атина – Десетдневна изолација во хотелите во карантин е предвидено за туристите во Грција, доколку бидат тестирани и добијат позитивен резултат, во согласност со новите ажурирани упатства на Националната организација за јавно здравје на Грција. Доколку посетителот е позитивен и не е потребна хоспитализација, тогаш се сместува во некој од хотелите во карантин.
За завршување на изолацијата, без разлика дали лицето е вакцинирано или не или дали има прележано ковид-19, во случај да е асимптоматско, потребно е да поминат десет дена од тестирањето, или десет дена и три дена без температура. („Република“)

Тирана – По избувнување на пожарот во селото Гориште кај Валона, ситуацијата е многу сериозна бидејќи огнот се приближува до нафтените дупчења. Пожарникарите и жителите на областа се борат со огнот, но пожарот сѐ уште не е ставен под контрола.
Во Албанија се активни неколку пожари. Албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши рече дека најкритична е ситуацијата кај Логар и кај Кукс, во близината на тунелот „Калимаш“, на автопатот Приштина – Драч. („360 степени“)

Љубљана – Aктуелниот претседател и лидер на Социјалдемократската партија, Борут Пахор, е најпопуларен политичар во Словенија, додека министерот за здравство Јанез Поклукар и претседателот на словенечкиот парламент, Игор Зорчиќ, се на второто и на третото место.
Анкетата во која учествувале 711 испитаници покажува дека 17,1 отсто од гласачите на евентуални избори би гласале за Словенечката демократска партија (СДС) на Јанша, а 12,7 отсто за опозициската Социјалдемократска партија (СД), што во моментов ја предводи европратеничката Тања Фајон. (СТА)


Бисер балкански

Лежалките – најдобар бизнис

Туристичко место Башка Вода располага со најмногу лежалки за плажа во Хрватска, а секој петти гласач што излегол на локалните избори наедно е и сопственик на одобрение за изнајмување лежалки. Право на концесија имаат 98 фирми, а секоја има дозвола да постави најмногу 20 лежалки на плажа. Годишниот наем на овој простор изнесува 1.600 куни, а оваа сума ја исплаќаат за најмалку два дена во сезоната. Приходот за концесионерот е повеќемилионски.
– Ова е најразработен и највносен бизнис во Република Хрватска. За 1.600 вложени куни се заработуваат 400.000 куни за период од четири изборни години. Ова е еден изборен проект – вели Матејаш Јозиповиќ, советник од опозицијата.