Подгорица – Во Црна Гора шести ден едноподруго нема нови случаи на заразени од коронавирусот. Бројот на излекувани постојано се зголемува, така што во моментот се лекуваат 25 лица, закрепнати се 290 лица, додека деветмина починале. (РТЦГ)

Бихаќ – Припадници на Горската служба во Бихаќ спасија група мигранти, кои бегајќи од пограничната полиција паднале во јама на подрачјето на планината Плешевица. Станува збор за 11 мигранти, кои биле извлечени со специјална опрема од страна на спасувачките екипи. На длабочина од 12 метри биле пронајдени шестмина потешко повредени мигранти, а претходно шестмина биле извлечени од спасувачите. („Макфакс“)

Белград – Републичката изборна комисија донесе решение за спроведување на изборните процеси за парламентарните избори на 21 јуни. Изборните листи треба да бидат доставени до 5 јуни на полноќ. (РТВ)


Бисер балкански

Куќа за една куна

– Кога јас би можела да купам сопствена куќа на Раб? Никогаш, и да имам пет животи. И сега работам пет работи, па немам ни за десет квадрати. Ништо не ми недостига овде, но сепак сакаме сопствен дом. Јас сум од Прелог и ми недостига работа во земјоделството. Научена сум на поле – изјави Јелена Ото, мајка на четири деца, кои со сопругот одлучиле да се преселат во Подравина, област на северот на Хрватска, која се соочува со голема емиграција на жителите.

Покрај куќата што ја добиле за една куна, општинските власти плаќаат до 25.000 куни за набавка на материјал за обнова на објектот за живеење. За купување куќа од трето лице, на доселениците им се покриваат трошоците до 20 отсто од нејзината вредност, а максимално до 35.000 куни. За децата им се одобрува бесплатна настава. Последните три месеци во Леград се доселиле осум возрасни лица, а имаат 11 деца.