Сараево – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на средбата со членовите на Претседателството на БиХ, донира 10.000 дози од вакцината на „Астра Зенека“ против ковид-19. Вучиќ рече дека им предложил на соговорниците од Претседателството на БиХ да организираат заеднички самит во Белград, на кој ќе учествуваат не само претставници од сите нивоа на административните власти туку и бизнисмени од двете земји. Во БиХ постојат сомневања дека вакцините донесени од Вучиќ се со послаб квалитет, бидејќи се произведени во Индија. (РТС)

Загреб – Градските власти на Загреб денешниот ден го прогласија за Ден на жалост по повод ненадејната смрт на градоначалникот Милан Бандиќ. Тој на оваа функција беше 21 година и трајно придонесе за развојот на градот и животот на сите граѓани на градот Загреб, се вели соопштението од Градот. („Јутарњи лист“)

Приштина – Посредникот на Европската Унија во преговорите меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, кој вчера беше во официјална посета на Косово, изјави дека дијалогот меѓу Приштина и Белград не треба да биде одговорност само на една партија во Косово туку на сите субјекти. Лајчак изјави дека „нема пречки за да се постигне еден сеопфатен договор меѓу Косово и Србија“ за време на мандатот на Албин Курти и Вјоса Османи. („Алсат“)


Бисер балкански

Конзерви за Гинис

– Собирав амбалажа од производите од хуманитарната помош и размислував како еден ден некој ќе сними филм за опсадата на Сараево и сигурно ќе го интересира како изгледала храната што ја јадевме – вели Филип Андрониќ, денеска стрип-автор и афирмиран стенд-ап комичар. Тој е првиот Босанец што по завршувањето на војната во Босна и Херцеговина влегол во Гинисовата книга на рекорди во 1996 година, кога имал 15 години. Неговата колекција се состои од 2.000 примероци од разни конзерви за риба и за месо, амбалажи за суво овошје, ориз, макарони, јајца во прав… Тие сега се експонати во Музејот на военото детство во Сараево.
Филип на почетокот на опсадата на градот во 1992 година имал 11 години, а во изјава за Радио Слободна Европа тој вели дека собирањето на амбалажата од разни производи за него претставувало „обид за пронаоѓање некоја занимација, нешто што ќе има смисла во времето на бесмисленото“.