Црна Гора на 23 август имала 6.426 активни случаи на ковид-19 и, во споредба со земјите од регионот, има најмногу инфицирани лица со коронавирусот на 100.000 жители.
– Ова е резултат на компромисот меѓу потребите за добра туристичка сезона наспроти потребата од зачувување на здравјето на населението. Значи, мерките постојат, но не се почитуваат и нема контрола. Како премолчено да има некоја согласност – ајде сега да заработиме што повеќе од туризмот. Наспроти ова, имаме недоволен број вакцинирани, многу помалку од земјите во Европската Унија – изјави Немања Радивојевиќ, член на претходниот медицински кризен штаб за борба против коронавирусот, за моменталната епидемиолошка состојба во Црна Гора.
Досега во Црна Гора целосно се вакцинирани помалку од 28 отсто од вкупното население. Црна Гора е целосно и безусловно отворена за туристите од регионот.


Љубљана – Поддршката за словенечката влада, предводена од премиерот Јанез Јанша, падна на 27,5 проценти, што е најниско ниво од почетокот на нејзиниот мандат во март минатата година, покажува редовната месечна анкета спроведена за комерцијалната телевизија ПОП-ТВ. Словенечката демократска партија (СДС) на Јанша во моментов би освоила најмногу гласови на евентуални предвремени избори, но нејзината поддршка опаѓа. Во моментов, 16,1 проценти од гласачите би гласале за СДС на Јанша, додека минатиот месец 18 проценти ја наведоа оваа партија како свој избор. („Индекс“)

Тирана – Областа Скрапар во Албанија иницира промена на името на нејзиниот главен град, па наместо словенскиот топоним Чоровода, да се нарекува по името на областа. Иницијативата на градоначалникот на Чоровода, Адриатик Мема, и група локални новинари, наскоро ќе се најде пред советот на општината и ќе биде преточена во нацрт-закон, а новиот парламент ќе има можност да гласа за промена на името на локална единица. („Лидер“)

Атина – Мерката суспензија на работа за сите здравствени работници што не се вакцинирани ќе се почитува без никакво одлагање, објави министерот за здравство на прес-конференција.
Тој рече дека задолжителната вакцинација важи и за приватните лекари и за фармацевтите во примарната здравствена заштита.
Обврската на невакцинираните наставници и професори, како и оние што работат во туризмот, угостителството, телевизијата, филмот, театарот, музиката и танцовата продукција, е два теста на неделно ниво. („Независен“)