Љубљана – Продолжува високиот раст на дневните нови инфекции во Словенија. Во последните 24 часа се потврдени 1.393 новозаразени лица, што е бројка од 24,6 проценти од вкупниот број тестови. Ваквите резултати се еден ден пред почетокот на построгите мерки, кога со некои исклучоци ковид-потврдата ќе биде потребна речиси за секаде. Четиринаесетдневната инциденца се зголеми на 505 случаи, што е еден од критериумите за влез во „темноцрвената“ епидемиолошка зона на Европскиот центар за контрола на болести. („Алсат“)

Атина – Во Грција е отворена платформата за закажување термин за вакцинација со трета доза за одредени категории граѓани што имаат хронични болести, а станува збор за околу 285.000 лица.
Како што соопшти генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција, Мариос Темистиклеус, граѓаните што припаѓаат на конкретната категорија ќе добијат СМС со потсетување дека ќе треба да закажат термин за третата доза. („Република“)

Софија – Нема да има промена во политиката на новата привремена влада, а зајакнувањето на државноста останува главен приоритет. Тоа го изјави претседателот на Бугарија, Румен Радев. На прашањето дали ќе има кадровски промени или повторно назначување на сегашниот кабинет, шефот на државата нагласи дека ќе ги претстави составот и структурата на новата техничка влада на 16 септември. Тој изрази надеж дека она што го постигна сегашната преодна влада и што ќе се прави понатаму, ќе го преземе редовен кабинет по изборот на новиот премиер. („24 часа“)


Бисер балкански

Килимот на фрау Меркел

– Ангела дојде и ќе ноќева овде, а ние ставивме знамиња само во Белград, Нови Сад и Ниш. Наместо да свети целиот Милош Велики во црно-црвено-жолто, за фрау да сфати колку ја цениме и колку не штедиме во понизноста. Можеби и не треба, знае таа дека со задоволство ќе ги дадеме своите лекари, инженери, сестри и дека не прашуваме за цена. Само да замине задоволна. Знае да биде и намрштена. Како пред десет години по првата посета на младата демократија со отворената косовска рана. Тадиќ беше набрзо сменет. Можеби и мајката на балканските автократи ќе ги критикуваше да не стигнеа мигрантите и брегзит, но немаше кога. Сега се ближи разделбата. Заминува… ќе го однесе и пиротскиот килим. Нам ќе ни го остави оној што ни го донесе – напиша Јелена Обуќина, српска новинарка, по повод големиот пречек на германската канцеларка Ангела Меркел, на својата последна официјална посета на Белград и на Балканот.